Верувам дека ова е ризик и лична жртва на Заев, кој ја ризикува својата политичка кариера да ги каже работите така директно, со најдобра намера за земјата, државата и нашите граѓани, изјави претседателот на ДУИ Али Ахмети, во врска со интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС.
– Во оваа ситуација, ние секако ќе се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме спореле за ништо, било за јазикот или историјата, затоа што нашите судбини биле исти, окупаторите ни беа исти и жртвувањата ни биле заеднички, заеднички да бидеме слободни во овие простори. Ние сакаме решение што е можно побрзо, да не бидеме под влијание на емоциите, да не влегуваме во фолклоризмот, но да бидеме рационални и разумни за да го решиме ова прашање што е можно побрзо. Верувам дека ова е ризик и лична жртва на Заев, кој ја ризикува својата политичка кариера да ги каже работите така директно, со најдобра намера за земјата, државата и нашите граѓани, рече Ахмети.
Тој ова го кажа на новинарско прашање по свечената академија по повод Денот на албанското знаме.