Зголемената телесна тежина претставува сериозен здравствен проблем и има загрижувачки тренд на пораст во светот и кај нас, кој посебно ги засега децата и адолесцентите, истакна министерот Азир Алиу во своето обраќање на стручниот симпозиум, во организација на научното здружение за обезност ОБЕМ.
– Статистичките податоци покажуваат дека во нашата држава преваленцата на обезноста изнесува 30–35 проценти. Во таа насока, е посебно значајно функционирањето на центрите за третман на дебелина на Клиниката за ендокринологија и во ГОБ „8 Септември“. Неделава е во охридската болница е отворен првиот центар за менаџирање на дебелина во југозападниот регион. Станува збор за сериозна хронична болест поврзана со над 200 коморбидитети, вклучително кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2 и други состојби и затоа е посебно значаен мултисекторскиот одговор и подигнување на јавната свест за овој глобален предизвик, рече Алиу.
На симпозиумот беше потенцирана потребата од подигнување на јавната свест и превентивно делување, како и за значењето на мултисекторската соработка меѓу институциите и невладиниот сектор.
Министерството продолжува со мерки за поддршка, вклучително преку активностите од Програмата за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер, со посебен фокус на едукацијата за третман и контрола на дијабетесот, имајќи предвид дека обезноста е тесно поврзана со дијабетес тип 2.




