Во времето кога Косово се наоѓа пред финалниот договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот „Да се формира Заедницата на српските општини во Косово!“, прашањето што треба да се постави е зошто партиите на Албанците во Северна Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на Заедницата на албанските општини во Северна Македонија со истите надлежности со кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово. Ништо повеќе. Само толку, соопштуваат од Алтернатива.
„Тие што го бараат тоа од Косово се наши западни сојузници, па испаѓа дека таа заедница е во духот на западните вредности. Многу добро. Да направиме и ние во Северна Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се соединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина. Да ја започнеме уште денес Заедницата на албанските општини во Северна Македонија. Добар реципроцитет и, воедно, европски, нели?! Можеби на тој начин доаѓаме и кај темата на јазичен реципроцитет помеѓу албанскиот јазик во Северна Македонија и српскиот јазик во Косово“, стои во соопштението.