Учебната година може да се надомести, но животите на луѓето се губат засекогаш, со овие зборови Алтернатива ја предупредува власта да донесе одлука во интерес на јавното здравје. „Очигледно е дека секојдневно се намалува прагот на возраста на заразените лица и на случаите со фатален исход и длабоко сме загрижени дека вирусот може да земе замав и во училиштата и тоа да создаде ситуација со трагични размери“, наведува Алтернатива и ги повикува Комисијата за заразни болести и Владата да донесат итна одлука за одложување на почетокот на учебната година за еден месец,
Алтернатива предупредува дека се големи бројките на заразени и на починати лица и дека се алармантно високи шансите за ширење на вирусот во овој момент и нагласува дека почетокот на новата учебна година доаѓа во многу опасно време.
„Додека поминуваме низ, можеби, најтешките денови од почетокот на пандемијата, кога секој ден имаме од 20 до 30 починати лица, токму оваа недела се очекува да започне новата учебна година, треба да се одржи и пописот на населението и домаќинствата, но и влегуваме во предизборната кампањата за претстојните локални избори. Сепак, и овие бројки и ризикот од ширење на вирусот не се доволни за оваа Влада да донесе одлука за одложување на учебната година“, наведува Алтернатива.