Претседателот на Европскиот совет , Шарл Мишел денеска предложи формирање на европска геополитичка заедница која ќе придонесе за зближување и за зајакнување на соработката меѓу европските земји, вклучително и Западен Балкан, во решавањето на заедничките предизвици, промовирањето мир и стабилност и безбедноста на континентот.
– Земјите од Западен Балкан, земјите кои се приклучуваат од нашето источно партнерство и другите европски земји со кои имаме блиски односи се првите на кои мислам. Лидерите на земјите кои би учествувале во овој проект ќе се состануваат најмалку двапати годишно, а надворешната политика би била најважната област на соработка во таа заедница, рече Мишел.
Во говорот на денешната седница на Европскиот економски и социјален комитет во Брисел, тој најави дека веќе почнал консултации со лидерите на земјите членки на ЕУ за формирање на Европската геополитичка заедница и оти ова прашање ќе го стави на дневен ред на јунскиот самит на ЕУ.
-Во координација со француското претседателство со ЕУ ќе организирам средба со лидерите на ЕУ и на Западен Балкан во јуни, на маргините на Европскиот совет, најави Мишел.
Претседателот на ЕС за ова лето најавува и конференција на која треба да се соберат лидерите на ЕУ и заинтересираните партнерски земји за да разговараат за конкретни опции за новиот заеднички проект.