Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Косово упати остри критики на вчерашната акција на полицијата на Косово за затворање на објектите користени од локални институции управувани од властите во Србија во косовските општините на северот на земјата, населен со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во реакцијата се вели дека САД ја повторуваат нивната загриженост и разочарување од „континуираните некоординирани акции на Владата на Косово кои продолжуваат да имаат директен и негативен ефект врз припадниците на етничката српска заедница и другите малцински заедници во Косово“.
Од амбасадата забележуваат дека вчерашната акција не била координирана со ниту еден елемент на меѓународната заедница и нагласуваат дека прашањата поврзани со структурите поддржани од Србија во Косово треба да се решат преку дијалогот со посредство на Европската унија.
Американската амбасада порача дека таквите акции на северот на земјата го зголемуваат влошувањето на партнерството меѓу Владата на Косово и САД и „непотребно ги ескалираат регионалните тензии“.
„САД и нашите меѓународни партнери постојано бараат од Владата на Косово да ја има за приоритет координацијата со меѓународната заедница и да не презема еднострани дејствија за прашањата на агендата на дијалогот олеснет од ЕУ. Неуспехот на Владата на Косово да одговори на овие барања е одраз на вистинско и растечко влошување на нашето партнерство. Како што претходно нагласивме, некоординираните акции на Владата на Косово ги ставаат во поголем ризик граѓаните на Косово и војниците на КФОР, непотребно ги ескалираат регионалните тензии и го поткопуваат угледот на Косово како доверлив меѓународен партнер“.
Амбасадата на САД ја истакна поддршката што со години ја дава на косовската полиција и нагласи дека нејзината континуирана инструментализација од страна на Владата за спроведување некоординирани дејствија не е во согласност со ветувањето за продолжување на консултациите и координацијата со меѓународната заедница.
„Постапките на Владата ќе влијаат и на квалитетот и природата на нашата соработка со Министерството за внатрешни работи и неговите подредени елементи“, се вели во реакцијата на американското дипломатско претставништво во Приштина.
Фото: МИА архива