Прославувањето на Националниот празник на Франција, 14 јули ќе биде во знакот на солидарноста, за пред сѐ, да им се оддаде почит на сите што се борат против пандемијата Ковид-19, соопшти француската Амбасада во земјава.
-Поради пандемијата и неможноста да го организира традиционалниот прием, амбасадата изразува благодарност до сите кои се бореле за вредностите на Републиката и особено за слободата, со положување венец на Француските воени гробишта во Скопје. На настанот ќе присуствуваат претставници на француската заедница и ќе се почитуваат сите здравствени препораки, стои во соопштението на Амбасадата.
Амбасадата посочува дека францускиот амбасадор ќе одржи видео обраќање преку кое ќе изрази безрезервна пријателска поддршка кон своите сонародници и партнери на амбасадата, кое ќе може да се проследи на Фејсбук страницата на Амбасадата – https://www.facebook.com/
–Франција низ целата оваа криза, покрај својот придонес кон европските напори за обезбедување опрема и финансиска помош, постојано беше заедно со Македонците. За овој 14 јули, повторно ќе им помогнеме на Црвениот крст и на иницијативата „Банка за храна“ Овој 14 јули мора да биде празник на нашата солидарност, а тоа е братството на дело, споделените вредности што заедно ги славиме, наведува Амбасадата.
Во рамките на настанот, поранешниот амбасадор Благој Зашов, генерален делегат на Сувенир Франсе во Македонија, ќе положи венец и ќе подари на Музејот на Француските гробишта четири книги од француски автори за историјата на регионот Македонија, што тој ги преведе минатата година.
Амбасадата ддоава дека и во Франција Националниот ден ќе се одбележи на посебен начин, а францускиот претседател Емануел Макрон ќе учествува на воената свеченост на плоштадот Конкорд.