Амбасадата на САД во Тирана реагираше по изјавата на поранешниот премиер Сали Бериша дека поднел тужба против американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.
Блинкен на почетокот на оваа година објави дека САД им забраниле на Бериша и неговото семејство влез во земјата, наведувајќи го фактот дека официјално ги сметаат поранешниот албански премиер и неговото семејство за корумпирани.
„Помеѓу извршната наредба на претседателот Џо Бајден, објавата на секретарот Ентони Блинкен, изјавите на амбасадорката Јури Ким за медиумите минатата и нејзиниот едиторијал оваа недела, позицијата на САД е јасна и непроменета: Борбата против корупцијата е основен интерес за националната безбедност на САД и ќе ги искористиме сите расположиви инструменти за справување со корупцијата и неказнивоста“, се наведува во реакцијата на амбасадата.
Поранешниот албански премиер и екс претседател, Бериша рече дека тужбата е поднесена во негово име од адвокат во Париз, кого го ангажирал откако Блинкен одлучил да го прогласи за персона нон грата, обвинувајќи дека зад се стои Џорџ Сорос и Еди Рама со нивните дезинформации.
Како што истакна Бериша, неговиот адвокат поднел тужба до парискиот суд и таа се базира на претходните преседани и на универзалниот принцип дека „не постои имунитет за клевета“.
Тужбата е поднесена и врз основа, додаде тој, на друг универзален принцип дека „клеветата преку Интернет е казнива насекаде“.
Бериша со обинувања и до амбасадорката Ким, која побара од лидерот на демократите Љуљзим Баша, да не дозволи да влезе во собраниската сала, како пратеник, нарекувајќи ја „гувернерка во Албанија“.