Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздиникин, во интервју за Нова Македонија истакна дека Русија не се меша во внатрешните работи на Македонија и дека соработката меѓу двете земји отсекогаш била можна сеопфатна соработка.
– Русија отсекогаш била отворена за сеопфатна соработка со вашата земја – во тие области и до тој степен до кој им одговара на интересите на секоја од страните. Со децении, буквално од самото прогласување на независноста на Македонија, и во Москва и во Скопје се работеше – и тоа доста успешно – на градење билатерални односи и нивно проширување на нови области, вели амбасадорот Баздникон.
Рускиот амбасадор натаму во интервјуто вели:
– Сепак, од февруари 2022 година, властите на Македонија ја одбија конструктивната интеракција и презедоа неколку непријателски чекори, кои сериозно им наштетија на односите. Како што веројатно знаете, властите на вашата земја користат режим на „дипломатска изолација“ во односите со Амбасадата, што предвидува отсуство на контакти со нас, вклучувајќи и непоканување на официјални настани. Сè додека овој пристап продолжува, многу е тешко да се зборува за перспективи за интеракција, вели тој.
Амбасадорот додава дека Русија не се меша во внатрешните работи на Македонија:
– Руската страна се придржува до недвосмислен став – ние не се мешаме во внатрешните работи на вашата држава и немаме намера да го правиме тоа, не преземаме никакви чекори во форма на наводни хибридни закани, за кои неосновано сме обвинети. Се разбира, ние ќе реагираме на непријателските дејства – врз основа на реципроцитет, но секогаш на избалансиран и, доколку е можно, на симетричен начин, вели Баздникин.
За нормална интеракција се неопходни рамноправност, заемно почитување и земање предвид на меѓусебните интереси, додава рускиот амбасадор.
– Добро знаеме дека народите на нашите земји се поврзани со вековни врски на пријателство и меѓусебно почитување, кои се засилени со духовно и културно сродство и заеднички словенски корени. Овој пријателски однос и симпатиите кон Русија ги чувствуваме буквално насекаде и искрено сме благодарни за таквото однесување. Сигурен сум дека тоа може да стане основа за брзо обновување на билатералните врски кога за тоа ќе се создадат благопријатни услови. Убеден сум дека за зајакнување на пријателството меѓу двата народа ќе придонесе и меѓуцрковната соработка. Минатиот август, Руската православна црква целосно ја призна автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, прва по одлуката на СПЦ. Верниците во Русија со голема радост го прифатија возобновувањето на евхаристиското заедништво со македонските браќа по вероисповед – врските на Руската црква со историската Охридска архиепископија датираат со векови, истакна Баздникин.
Целото интервју во Нова Македонија.