Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, жестоко ги критикува состојбите во судството и борбата против корупцијата. Амбасадорот зборува за политички влијанија во сите сфери од правосудниот систем, за лошите резултати во спроведување на реформите, за злоупотребата на европското знаме и последиците за македонските евроинтеграции.
РСЕ: Може ли употребата на европското знаме за законите поврзани со проектот за изграба на коридорите 8 и 10д да има последици во натамошниот процес за евроинтеграции на Македонија?
Да, мислам дека може. ЕУ законодавството е многу јасно. Не може да ги игнорирате правилата за јавни набавки, односно да ги избегнете тендерските постапки во договорот. Има два услови кога е дозволено тоа. Првото е кога се работи за национална безбедност, кога имате тенкови на границата, не мора да чекате најдобар договор за да купите оружје и вториот е кога се работи за национална катастрофа. На пример, ако се случи земјотрес, не губите време за да купите крвна плазма, таа ви е потребна веднаш. Значи ЕУ законодавството е важно, а договорот со Бехтел и Енка не се совпаѓа со тој опис и не е усогласен со ЕУ законодавството. Исто така и целиот начин на кој е спроведен, е прилично нетранспарентен, што е исто така и мислење на ММФ на пример. Па, може ли С. Македонија да го направи тоа? Па… национална катастрофа може да биде само ако кажете дека состојбата со инфраструктурата е национална катастрофа, но не мислам дека некој го прави тоа. Може ли С. Македонија да го направи тоа? Да може, но само затоа што не е членка на ЕУ. Може ли следните постапки како оваа да станат проблем кога сакате да сте во Унијата, да, би кажал дека тоа е прашање.
Во врска со ЕУ знамињата јасно е, ЕУ веќе објави став дека употребата на европско знаме тука е погрешна, знаменцата се наменети за законите кои треба да ја доведат земјата поблиску до остварување на а-кито, до Копенхашките критериуми и со години ние и не само ние и други претставници на ЕУ делегацијата предупредувавме на злоупотребата на европското знаме во овој процес. Аргументот кој се користи за злоупотребата на знамето е да се одбегне филибастеринг од опозицијата во Парламентот. И да, се разбира, тоа е дилема. Но, прашањето е дали ќе го употребите европското знаме за прашања кои немаат некоја поврзаност со европското законодавство. А според наше мислење, токму тоа се случува сега со овој договор.
РСЕ: Борбата против корупцијата останува една од слабите точки, барем според релевантни меѓународни извештаи. Според вас како Владата се справува со овој проблем?
Па, не гледаме некој напредок, напротив сметаме дека работите се влошуваат. Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и Народниот правобранител не се почитуваат од никој, ниту од Владата ниту од парламентот, ниту од Обвинителството. Всушност годинешниот извештај од Антикорупциската комисија покажува дека 10 проценки од претставките се процесирани, тоа е многу помалку и во однос на 20-те проценти во извештајот од 2021 година, кој патем се уште не е разгледан од Парламентот во последните 2 години, нешто што требаше да се направи. Затоа нема причина за оптимизам. Како што кажав и порано корупцијата е состојба на умот. Ја има насекаде. Таа е дел од менталитетот и треба да се смени сега, зошто ако сакате да сте во Унијата во процесот на преговори, оваа состојба со менталитетот и политичката волја заедно со неказнивоста која оди со тоа и која е најпрезирана од граѓаните, мора да се смени веднаш. Во спротивно желбата да бидете дел од ЕУ во 2023 година, ќе биде илузија.
Целото интервју со него, погледнете го на Радио Слободна Европа.