Американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Мајкл Марфи, изјави дека на состанокот кој заедно со амбасадорот во Србија, Кристофер Хил, го одржал во Белград, со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, клучната порака била поддршката за територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина.
„Разговаравме за поддршката на САД за суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ и ја нагласивме важноста на функционални, ефикасни и одговорни државни институции. Добро беше да се слушне дека претседателот (Вучиќ) се согласува со нас“, рече Марфи за регионалната телевизија N1, коментирајќи го состанокот што се одржа во Белград.
Американскиот дипломат посочи дека нема да има поделба на БиХ, отцепување, ниту нарушување на територијалниот интегритет на таа земја.
„Претседателот на Република Српска, Милорад Додик тргна по опасен пат. Неговите закани се навистина неодговорни, а неговата реторика е запаллива. Невозможно е да се изврши отцепување од Босна и Херцеговина, нема уставна основа за тоа“, нагласи Марфи.