Триесет и деветгодишниот Александар Ружин, бизнисмен и поранешен советник на екпремиерот Зоран Заев, е прогласен за Амбасадор на мирот. Оваа титула ја добил од страна на Универзалната Федерација за мир, која има сопствени претставништва речиси низ цел свет, а чија основна цел е надминување на конфликтите, соработка и мир меѓу сите народи.
Федерацијата ги унапредувала своите членови за Амбасадори на мирот, а треба да бидат предложени од најмалку тројца други Амбасадори, односно од раководството на Федерацијата.
-Со оглед дека во Балканската Федерација за мир членувам веќе седум години, ми претставуваше голема чест и задоволство како претставник на РС Македонија да бидам прогласен за Амбасадор на мирот, во седиштето на балканската федерација во Тирана. Воедно, денес беше одржана конференција под раководство на поранешниот претседател на Албанија, Алфред Мојсиу, на тема Мир и безбедност на Западен Балкан во пресрет на интеграцијата на државите од Западен Балкан во Европската Унија, вели Ружин за Фокус.
Тој е син на поранешниот функционер на СДСМ и амбасадор Нано Ружин. Александар Ружин беше дипломатски советник на Заев за за економска, социјална и културна соработка со државите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург) и Франција.