Бродови на американската воена морнарица заплениле 385 килограми хероин во Арапското Море, во вредност од околу четири милиони долари, соопштија денеска американските власти.

Бродовите заплениле дрога скриена во рибарски брод што пловел во водите на Блискиот Исток, соопшти меѓународната работна група, а заплената била извршена во понеделникот.

Морнарицата соопшти дека бродот, иако нема национално обележје, најверојатно дошол од Иран.

– Сите девет членови на екипажот се идентификуваа како ирански државјани, изјави командантот Тимоти Хокинс, портпарол на американската морнарица на Блискиот Исток.

Тој не откри од каде доаѓа дрогата и која е крајната дестинација.

Откако работната група започна регионални патроли на море, оваа година заплени дрога вредна повеќе од 193 милиони долари.

„Таа сума е поголема во однос на претходните четири години вкупно“, се додава во соопштението.