Осомничениот напаѓач кој го рани републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на митинг загина, објавија американските медиуми. Според медиуми во САД, загина и лице кое било на митингот.
„Окружниот обвинител на округот Батлер, Ричард Голдингер изјави дека две лица се мртви, вклучително и најверојатно напаѓачот“, објави Вашингтон пост.
Еј-Би-Си Њуз го цитираше Голдингер дека можеби е погоден и втор овек кој бил на митингот.
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп е „во добра здравствена состојба“ и е на проверки во медицинска установа, соопшти неговата кампања откако по истрели беше евакуиран од бина на митинг во Пенсилванија.
– Напаѓачот на митингот на Доналд Трамп е убиен од тајната служба, јави Си-Ен-Ен повикувајќи се на извор од тајната служба.
Во инцидентот загинал и еден од присутните на митингот, но засега извештаите за тоа лице не се потврдени.
Пукањето на митингот на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп во Батлер, Пенсилванија, се истражува како можен обид за атентат, според официјални лица за спроведување на законот.
Тројца извори за спроведување на законот потврдија за Си-Ен-Ен дека напаѓачот бил надвор од местото на митингот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Пенсилванија.
Два од тие извори велат дека лицето кое пукало било на покрив, надвор од местото на настанот. Повеќе извори од органите за спроведување на законот го нарекоа ова лице како снајперист, иако дополнителни детали за тоа не се јасни.
Окружниот обвинител на округот Батлер, Ричард Голдингер, рече дека неговиот главен детектив му кажал дека напаѓачот бил во зграда во непосредна близина на местото на митингот и дека нема дополнителни детали за лицето.
„Најверојатно пукал од пушка бидејќи бил оддалечен неколку стотици јарди (еден јард = 0.9 метри)“.