Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа ја обвини „Амнести Интернешнл“ (АИ) дека се обидува да амнестира терористичка држава, мислејќи на Русија, откако претходно таа невладина организација посочи дека Киев ги загрозува цивилите во војната против Москва.
Зеленски рече дека АИ ја префрла одговорноста од агресорот на жртвата.
Претходно и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба изјави дека е огорчен поради таквите нефер обвинувања на АИ.
Во извештајот објавен вчера после четиримесечна истрага, АИ ја обвини армијата на Украина за користење цивилни објекти како училишта и болници за воени бази, како и за започнување напади од населени области, тактики што се спротивни на меѓународното хуманитарно право.
– Агресијата врз нашата земја е неоправдана, инвазивна и терористичка. Ако некој напише извештај во кој некако се изедначуваат жртвата и агресорот, ако се анализираат некои податоци за жртвата, а се игнорираат постапките на сторителите, тоа е неоправдано и не може да се толерира, додава Зеленски во редовното видео-обраќање.
Кулеба, од своја страна, ја обвини АИ за создавање лажна рамнотежа меѓу угнетувач и жртва, земја која уништува стотици и илјадници цивили, градови, територии и земја која очајно се брани.
– Престанете да ја создавате таа лажна реалност, во која секој е донекаде виновен за нешто, и почнете систематски да ја презентирате вистината за она за што всушност Русија денес се залага, додаде тој.
„Амнести Интернешенл“ во својот извештај сепак посочува дека украинските тактики во никој случај не ги оправдуваат неселективните руски напади.