Укинати се забраните за сообраќај на тешки моторни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево, како и  патниот правец Мавровска крстосница – Мавровјани – Дебар.

Како што соопшти АМСМ на 15 декември од 10:00 часот, патниот правец с. Балван – с. Таринци кај мостот на реката Брегалница, поради безбедност за учесниците во сообраќајот е затворен за секаков вид на сообраќај.

Сообраќајот на патниот правец Р1402 Струмица – Мокрино – Смолари кај Мокрински извори е во прекин поради нанос на коловозот и поплава. Екипите на Ј.П. Македонијапат работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози. Врнежи од снег се бележат на планинскиот премин Стража и на Маврово

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови на возила, од 15.11.2021 до 01.04.2022. Од охридска страна, сообраќајот ќе се одвива до месноста Корита.

АМСМ потсетува дека од 15 ноември започнала законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2022 година.