Патот до целта не е лесен, но верувам дека вложеното време, вложената енергија и труд секогаш резултираат со успех.
Ова се зборовите на средношколката Ана Марија Атанасовска од Скопје за освоениот сребрен медал на светскиот натпревар „Microsoft Office Specialist“ во Њујорк, со што покажа дека нашата држава навистина треба да се гордее со талентираните и амбициозните деца кои ја претставуваат во најубаво светло пред светот.
Љубовта кон „Microsoft Office“ програмите кај Ана Марија се јавила уште пред две години. Тогаш таа прв пат учествувала на овој натпревар. Вели дека најголемиот поттик и поддршка добила од нејзините професорки кои веднаш го увиделе нејзиниот талент. Компјутер користи уште од најмалата возраст. Со задоволство се сеќава на првиот компјутер што го добила во трето одделение.
Едноставно, желбата на оваа амбициозно девојче кон компјутерските науки и информатика е бесконечна и незапирлива. Уште поинтересно е тоа што никој од нејзиното семејство не се занимава професионално со овој сектор. Таа е првата и засега единствената од семејството на која информатиката и е слаба страна. Вели дека слободното време освен што го троши на читање, дружба со пријателите и семејството, најмногу го поминува пред компјутер. Кога првпат слушнала за натпреварот, веднаш посакала да се пријави. За среќа, тука била професорката и нејзина менторка, Жаклина Прекиќ, која ја охрабрила да аплицира и да го покаже своето знаење.
Таа, како што вели Ана Марија, секогаш била тука да одговори на секое прашање.
Професорката Прекиќ стоела рамо до рамо со неа и заедно ги воделе битките на натпреварот. Таа била нејзината најголема поддршка.
– Огромна чест и гордост е да ја претставуваме нашата држава и да го видиме нашето знаме на ваков престижен натпревар. Желбата беше огромна, ентузијазмот беше голем, подготовките беа на ниво и резултатите не изостанаа. Искуство е непроценливо и за децата и за менторите, бидејќи освен на едукативен план таму постоеше дружба, пријателство, расположение и врски и контакти кои остануваат долго време и траат, вели професорката Прекиќ.
„Microsoft Office World Championship“ е најголемиот IT натпревар во светот и вклучува повеќе од 850.000 учесници од цел свет. Во конкуренција со 152 ученици од 119 земји во светот, ова е највисокото место што досега го постигнал македонскиот претставник. Инаку, нашата земја веќе четврта година по ред испраќа свои претставници на овој натпревар. Годинава тој се одвиваше од 28 до 31 јули во Њујорк, а самото учество на нашата претставничка го организираше компанијата „Certiadria“.
Учеството на еден ваков престижен натпревар не е едноставна работа. Потребна е храброст, истрајност, да имаш замислена цел во главата што треба да ја оствариш, но најважно од се, желбата. Трема е чувство кое те прати од почеток до самиот крај. Испреплетеност на разни емоции се јавува кога ќе се почувствува натпреварувачкиот дух на 152 конкуренти, сите со амбиција и мотив за освојување на што е можно повисоко место. Сепак, нашата претставничка успеала да го освои едно од најдобрите места, и да си замине со сребрен медал во рацете.
На прашањето какво беше чувството да се биде дел од ваков настан таа беше децидна – чувството е незаменливо.
– Чувството е навистина незаменливо. Секако, за време на натпреварот чувствував трема, самата помисла дека учествувам на светски натпревар каде учествуваат натпреварувачи од различни земји од различни делови на светот кај мене предизвикуваше трема, која при прогласувањето на победниците се претвори во чувство на неверување бидејќи токму моето име беше напишано на екранот при прогласување на второто место во категоријата „Microsoft Office PowerPoint 2013“, со неверување ни објасни Ана Марија.
За Њујорк, таа вели, дека е град кој никогаш не спие.
– На њујоршките улици може да се увиди сплет од различни култури, истото што се случува преку овој натпревар. За време на овој настан успеав да се стекнам со многу пријателства кои ќе продолжам да ги надоградувам и кои ќе продолжат да ме потсетуваат на прекрасното искуство кое го добив за време на престојот во овој град. Градот дефинитвно вреди да се посети и ги охрабрувам сите млади од 13 до 22 години да аплицираат, да си ја пробат среќата, и да уживаат во овој прекрасен град. Јас од Њујорк се вратив со огромно искуство, стекнато пријателство и мотивација за личен равој, ни објаснува Ана Марија.
Таа нагласува дека чувството да се биде вице-шампион е навистина прекрасно и покрај тоа што, како што вели, воопшто не очекувала дека ќе се стекне со ваква награда.
– Јас искрено не верував дека ќе освојам сребрен медал, но верував во едно нешто, а тоа е дека вложеното време, вложената енергија и вложениот труд ќе резултираат со успех, вели таа.
Не е реткост да се видат и да се запознаат вакви млади, талентирани и амбициозни средношколци во нашата држава. Познато е дека повеќето од нив, иднината ја гледаат надвор од нашите граници. Сонуваат за Лондон, Њујорк, Вашингтон.. Сепак, Ана Марија својот сон го гледа во Скопје. Вели дека нејзината желба е да остане во државата и да работи тука. Студентските денови ги замислува на ФИНКИ и секако со задоволство ги очекува наредните натпревари од ваков тип.
– Со сигурност можам да кажам дека мојата професија ќе биде од областа на информатичките науки, но во која насока не би можела да прецизирам поради огромниот број на интересни насоки во оваа област. По завршувањето на средношколските денови во „Корчагин“ би сакала моето образование да го продолжам на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, вели Ана Марија.
Таа ги охрабрува и другите средношколци да ја испробаат среќата, затоа што како што вели, овие натпревари се од огромна помош, нудат многу искуство и секако, можност за понатамошен професионален развој.
– Овој натпревар нуди многу придобивки. Учество можат да земат сите млади луѓе на возраст од 13 до 22 години. Секој иден натпреварувач ќе може да се пријави на веб страната mosnatprevar.mk, да ја пополни пријавата и да чека повратен e-mail каде ќе му бидат објаснети натамошните чекори. Покрај можноста за стекнување на меѓународно признат сертификат за познавањата во избраната категорија, секој натпреварувач добива можност да се стекне со големо искуство, да се забавува и да се надогради, објаснува Ана Марија.
Бисера Трајковска за МИА