Олга Камчева има 81 година и во многу нешта се разликува од останатите припаднички од понежниот пол на нејзина возраст.

И додека едни постојано се жалат на судбината, староста и болештините што ги навјасале со годините, а други организирано или индивидуално го минат пензионерскиот живот во забава, дружење, екскурзии и рекреација, Олга Камчева целосно ѝ се има посветено на природата. Нејзиниот рај е во кавадаречкото село Горна Бошава, во срцето на планината Кожуф.

Убаво е човек да ја запознае, за да разбере дека животот може да биде убав дури и ако си четиересетина километри оддалечен од градот, во селска средина, во која постојано живеат триесетина луѓе, главно во поодмината возраст. Таа е весела, гостопримлива, муабетчика, околу себе шири позитивна енергија. Срчна жена, што би рекле тиквешани. На нејзиното лице постојано царува насмевката, а низ дворот, по нивите, па и подалеку, претрчкува молневито како дете. Или како што самата знае да каже за себе, добра сум, добра сум, еве трчам како коњ. Сум ја сретнала неколкупати, но никогаш не се пожалила за нешто. Напротив, нејзината динамичност како воопшто да не се намалува со годините. Има многу што да се научи од неа. За односот кон природата, здравиот начин на исхрана, за љубовта, посветеноста и вниманието со кое им приоѓа на работите.

И во деветтата деценија од животот, таа со несмалена жар ѝ пристапува на традицијата на семејството, правењето домашен сапун од свинска маст.

– Тајната за правење сапун ја научив кога се омажив и станав домаќинка, на 22 години. Од свекрвата, баба Мара. Иако и претходно, уште како дете, ѕиркав и крадев од занаетот, што се вели. Како и за секоја работа, потребен е мајсторлак и за правењето калапчиња сапун од свинска маст. Цел ден од утро до вечер се работи, во стар казан се вријат 30 кила вода и 10 кила маст. Наместо свинска маст, може да се стават и шест кила свински кожинки. Најпрвин врие водата, па се става салото. Кога тоа ќе се растопи, се ставаат две кила сапунска сода. Го боравиш, го боравиш и самото покажува кога е готово. Пробувам, ставам дел од смесата на секира, за да видам дали е здрвена. Ако не тече, готова е. Значи дента ја варам, утредента одмора во казанот. Ако е лете, како сега, два дена одмора. Потоа го сечам здрвениот сапун на парчиња со остар нож што го имам, остар како сабја, како кама, останат уште од турско време, ми раскажа оваа вредна домаќинка.

Сапунот служи за перење, но со сопругот, кој е две години постар, го користат и за миење глава и слично. Ми кажаа дека се хранат здраво и природно, претежно со домашни производи, за кои сметаат дека се пресудни за нивната виталност. Млеко, месо и јајца од сопствената семејна фарма, домашни млечни и месни преработки. Вештачко, рекоа, слабо обожаваат да јадат. Со мажот ѝ Вангел насабајле и навечер испивале по една чашка ракија. Цигари никогаш не пушеле. Нагласија дека исто така јадат многу овошје. Во моментов одгледуваат седумдесетина кози со дваесетина јаренца. Најчесто на пасење ги носи домаќинот, понекогаш таа, но голема помош имаат и од синот. Имало многу заинтересирани за да купат од нивното производство, особено за козјите производи што ги барале и како лек. Голем бил и интересот за превкусниот планински компир.

Љубезна како и секогаш, нè покани на селската слава за Илинден, за која интензивно се подготвуваат. А секој што го посетил ова семејство, заминал со прекрасни импресии. Селото има услови за рурален туризам. Посетителите, освен што можат да видат како на старински начин се подготвува домашен сапун од свинска маст, можат да вкусат и од козјото сирење со извонреден вкус што се памети, а да го дегустираат со старински пишии. И не мора дури да пробате од традиционалните домашни специјалитети на тетка Олга. Доволно е да вкусите од најубавите и највкусните ореви што некогаш сте ги помирисале и сте ги пробале, за да посакате повторно да се вратите кај супербабичката во Горна Бошава.

Секој би посакал да има ваква мајка и баба. Нејзината внука Маја, инаку магистер по филолошки науки, дури ѝ има посветено и песна.

– Господ со камења не сме го врчкале, вели баба еуфорично со светнати очи како неба, кога ќе се случи нешто убаво. Ах, моја емотивна бабо, сигурно би била вистинска поетеса, на едно друго место, во едно друго време. Колку сум среќна што те имам, заради тоа малку што го знаеш, а што вреди, пишува внуката меѓу другото.

Светлана Дарудова за МИА