Позицијата во која се најде Европската Унија во клучниот момент кога се случуваат најголемите геостратешки прераспределби на влијанија во светот по Втората светска војна покажа дека без сериозно лидерство и визија за просперитет на целиот Стар Континент, Европа ќе биде оставена на маргините на светската политика, анализира „НОВА МАКЕДОНИЈА“.
Обидите на францускиот претседател Емануел Макрон да се наметне како иден европски лидер по заминувањето во политичка пензија на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел се покажаа како неуспешни, а актуелната политичка криза во Франција уште повеќе го загрозува и онака нискиот рејтинг на француски претседател. Од друга страна, ниту Германија во меѓувреме не успеа да профилира лидер што ќе го преземе управувачкото кормило на Европската Унија, а иницијативите на новиот германски канцелар Фридрих Мерц во најголем дел не се покажаа како непродуктивни, особено не во делот на градење препознатлива и силна конструктивна и просперитетна европска надворешна политика, која ќе биде во резонанција со поширокиот интерконтинентален просперитет, а не да се наметнува со „аргументите на силата“.
Она што во моментот е впечаток кај пошироката европската јавност е дека со актуелното глобално либерално лидерство, европскиот брод плови без прецизен курс и визија, а европските либерални елити продолжуваат да го навигираат кон разбрануваните води само колку да се одржат на власт и да профитираат од креирањето кризи.
Меркел знае што е и национален, но и европски интерес
Драматичната ситуација во која се наоѓа Европа очигледно е сигнал за поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која ја препозна конфузијата во Брисел и од тие причини како да почнува да ја напушта политичката пензија и повторно се активира.
Главната цел кон која се стреми е челното место во Европската комисија, особено по засилените критики со кои се соочува Урсула фон дер Лајен, како во однос на неповолниот договор што го склучи со американскиот претседател Доналд Трамп така и во поглед на интензивната милитаризација на ЕУ.
Германскиот политиколог Александар Рар е убеден дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел размислува за враќање на врвот на европската политика со кандидатура за функцијата шеф на Европската комисија. Според него, Меркел се обидува да ја врати својата политичка тежина преку изјави во кои сè повеќе ги критикува Полска и балтичките држави, како и актуелната претседателка на комисијата, Урсула фон дер Лајен.
– Унијата е сè повеќе незадоволна од волонтеризмот и лидерскиот став на Фон дер Лајен – нагласи Рар.
Тој ја спомена и комбинаториката челната позиција во ЕК да ја преземе и францускиот претседател Емануел Макрон (за што веќе се шпекулира во некои политички кругови), но прашање е дали тој може да биде вистинското решение за Европа имајќи ги предвид неговите политики од кои очигледно не се задоволни ниту самите Французи, а не, пак, Европејците.
Рар сепак најголеми шанси ѝ дава на поранешната германска канцеларка, која со својот кредибилитет успеала да се наметне кај сите земји членки на ЕУ, но која има и политички габарит да спречи евентуална безбедносна ескалација на европско тло.
– Можно е Меркел, која се врати во политичкиот живот, да има свои амбиции да ја води европската администрација во Брисел. Нејзиниот аргумент би бил: „Вие не знаете како да разговарате со Путин, но јас знам“, што би можело да ѝ биде корисно – појаснува Рар.
Инаку, во неодамнешното интервју за унгарскиот весник „Партизан“, Меркел ги обвини Полска и балтичките држави дека ја блокираат нејзината иницијатива за директни преговори меѓу Европската Унија и Русија во 2021 година. Таа изјави дека тоа придонело за ескалација на кризата во Украина. Поранешната канцеларка смета дека Европа мора да се зајакне воено, но дека дипломатијата мора да остане клучна, „исто како за време на Студената војна“.
Враќање на ЕУ кон фундаменталните вредности
Познавачите на состојбите немаат никаква дилема дека Меркел како искусна политичарка сака да ја врати Европа на вистинскиот колосек, но што е уште поважно за неа, сака да ја спаси Германија од колапсот кон кој ја влечат европските либерални елити и воено-подбуцнувачки структури во некои центри на моќ.
Меркел им даде доволно време на европските лидери да ги продолжат политиките на градење силна и обединета Европа, но по неполни пет години, сфаќа дека европскиот брод тоне и со него ја влече и нејзината Германија. Евентуалното нејзино враќање во политиката би било со цел исправање на грешките на лидерството на ЕУ.
– Либералниот концепт на управување со ЕУ, особено најавите за кратење на буџетите за образование и здравство и ставање на тежиштето на воениот комплекс преку производство на оружје да се поттикнува индустријата, несомнено ќе води кон пропаст. Тоа веќе сега продуцира длабока внатрешна поделба на ЕУ, која неминовно ќе води и кон физичка поделба на Европа како континент бидејќи тука спаѓа и Русија. Тоа се крајно опасни процеси. Целата германска индустрија беше поврзана со Русија, а кога почнаа да се прекинуваат овие врски, германската економија почна да пропаѓа. Економската локомотива на ЕУ зариба со секнувањето на евтините енергенти. Меркел е свесна за тоа, не сака од ЕУ да се прави салонска наднационална творба од која би профитирале само либералните елити, а за другите да нема ништо. Таа сака да ја врати ЕУ на изворната поставка каде што ќе се почитуваат суверенитетот на државите, волјата на граѓаните да се образоваат, да имаат квалитетна здравствена заштита, а во исто време ќе се работи на силни европски економски политики, кои покрај индивидуалната ќе ја зајакнуваат и заедничката европска економија – објаснуваат познавачите.
Според нив, старите и искусни политичари гледаат дека работите во Европа не одат како што треба и затоа се враќаат на политичката сцена.
– Меркел има сенс дека ова не оди во добар правец, туку дека ЕУ се движи прудолу. Затоа се најавите за нејзино можно реактивирање во политиката, за да покаже дека оваа идеологија на ширење на исток на Унијата и на НАТО не оди како што треба и тоа треба да се запре. Тоа што ги нападна Полска и балтичките држави во однос на Украина е чисто истакнување на потребата за обновена соработка со Русија, за наоѓање мировно решение за Украина и спротивставување на одредени хегемонистички цели на Брисел, особено во однос на снабдувањето со енергенти, земајќи ја предвид и финансиската криза во Германија. Нејзиното евентуално враќање на чело на ЕК би било затоа што само таа знае и може да ги врати основите на демократска соработка, кои подразбираат меѓусебно почитување, уважување… Меркел е свесна дека не може да се создава непријател во Русија бидејќи соработка мора да има, Русија е дел од Европа, исто како што не може Европа да не соработува и со Азија, со Америка. Поради тоа се будат поискусните политичари, кои се ориентирани кон нацијата, индустријата, го враќаат суверенистичкиот пристап, со почитување на другата нација, но и на својата. Со други зборови, мора да се вратат на фундаментите на старата Европа кон која сите тежнееја. Меркел беше и главниот поборник за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, така што евентуалното нејзино враќање може да биде добро во насока на забрзување на целиот процес. Франција е во криза, Германија не може да се потпре на француска поддршка, другите си ги гледаат своите интереси, па затоа Меркел се реактивира за да помогне Европа да се врати на стариот колосек оти гледа дека работите не одат во добар правец – заклучуваат аналитичарите.
На четири дена пред изборите, Фон дер Лајен во Скопје
Обична коинциденција или обид за испраќање порака до граѓаните пред избори?!
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во следните денови треба да ја започне турнејата низ шесте земји од регионот на Западен Балкан, при што посетата на Скопје е најавена за 15 октомври, односно четири дена пред првиот круг од локалните избори.
Иако извори од Брисел оваа активност на претседателката на ЕК ја најавуваат како вообичаена практика во пресрет на објавувањето на извештаите за напредокот на земјите кандидати, не може да се занемари фактот дека голем број европски челници се воздржуваа од посети или од давање какви било изјави за земјите што се во предизборен процес.
Но она што е македонска реалност е дека во клучни моменти кај нас се случуваат вакви посети со кои или Европската Унија или некој друг како да сака да испрати некаква порака.
– Можеби се работи за коинциденција, но не може да се занемари фактот дека посетата е на четири дена пред избори. Се разбира, ова се локални избори, но како и да е, секогаш кога земјава се наоѓаше пред некаков предизвик, сведочевме на некакви посети. Ги имаше пред потпишувањето на Привремената спогодба со Грција, пред референдумот за територијалната поделба, но најсвежи се оние пред референдумот за името кога европски тешкаши дојдоа тука за да ги убедат граѓаните дека по промената на името европските врати ќе бидат отворени за Македонија. Затоа можеби и на оваа посета на Фон дер Лајен може да се гледа како на еден вид влијание кај граѓаните, во секој случај тоа ќе зависи од пораките што ќе ги упати. Од друга страна, македонските граѓани веќе отрпнаа на ваквите посети и тешко дека некој веќе ќе ги убеди во она што им го кажува – констатираат аналитичарите.
Ортигиналниот текст на „НОВА МАКЕДОНИЈА“