Сведоци сме на политичка криза која трае од 2017 година. Во многу држави со демократско уредување кога нема стабилно парламентарно мнозинство се распишуваат нови избори, па макар и неколку пати по ред, затоа што е јасно дека влада која нема да собере квалитетни кадри не може да биде успешна. А не може да се соберат експерти и добар кадар во влада ако мора да се „пазари“ со многу мали партии кои не носат значителен процент на доверба од гласачите. Не може ни министерот да создаде свој тим а да не бидат вклучени бројни партиски директори. Поради ова поминуваме ужасно лошо со пандемијата со КОВИД 19.
Што кажуваат бројките? До 3 декември 2021 година имаме регистрирано 216 670 заболени од ковид. Што воопшто не е многу ако се земе дека изминува веќе втората година, и е околу 11% за целиот период, односно 83.657 за 2020 година и 133.023 во 2021 година што е околу 6,8% за годинава (од целото население). Ако се подсетиме дека нормална појава беше корона вирусите во тек на една година да се јавуваат помеѓу 5 и 35% во еден регион…држава, влегуваме во просекот кој го има скоро плус 1-3% во сите држави во светот. Што е разликата? Огромната смртност. Колку и да сакаш во анализи на бројките да најдеш оправдување, дека си субјективен, проверуваш за други држави и региони- оправдување не можеш да најдеш. Просечната смртност (https://www.worldometers.info/coronavirus/…) во светот е 1.98%. Кај нас во Македонија во 2020 година е 3 %, за да во 2021 година и покрај собраното наше и светско искуство, покрај задоволителен број на вакцинирани, имаме пораст на 3,85%. Некои држави (Турција, Србија, Израел…успеваат во овој двегодишен период да ја држат смртноста под 1%. Норвешка на прифатливи за ваква инфекција на 0,3%) Значи ако гледаме само пријавени умрени од КОВИД 19 во споредба со светскиот просек, сме можеле и сме морале да спасиме барем половина од умрените (од 7616 барем 3000 до 4000 спасени животи). Ако го гледаме процентот на умрени на еден милион жители, состојбата е ЗАГРИЖУВАЧКА. Просекот во светот е 907 умрени на милион жители. Кај нас е 3.600 на еден милион што е дури 4 пати повеќе од светскиот просек. Обидувајќи се да најдам некакво оправдување, направив споредба со земјите што се околу нас по вкупниот број на заболени. Австралија е најблиску до нас по вкупниот број на заболени, 216.589 (не анализирајќи зошто и како ја држат пандемијата под контрола, имаат скоро исто болни). Кај нив има 79 умрени на еден милион жители, во проценти 0,9% и од исто заболени имаат 5.600 помалку умрени од нас. Естонија има 224.654 заболении со 1.316 умрени по милион жители (0,8% смртност). Соседна Албанија е блиску до нас со 201.402 заболени, но има 1,5 % смртност и 1.082 умрени на еден милион жители. Оправдување нема, најмалку половина од умрените за време КОВИД 19 пандемијава моравме да ги спасиме. Но, ова не е најстрашното.
Според податоците на Државниот завод за статистика треба да бидеме многу многу загрижени. (https://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?id=7…). Во 2020 година имаме 25.775 умрени (од сите причини) што е зголемување за 26% во однос на предходната година. Во периодот од 2013 до 2019 година сме имале помеѓу 19.465 и 20.446 умрени. Значи во 2020 година имаме околу 5.500 умрени повеќе. Од ковид во истиот период имаме 1.862 умрени. Застрашувачки бројки. Над 2.500 прекумерни умрени покрај тие од ковид??? На што се должи ова. Најголема смртност во Македонија во нормални услови имаме од кардиоваскуларни болести со околу 41%, потоа се неоплазмите со 15 %. Највероватно најголемиот број од овие изгубени животи кои немале КОВИД-19 сме ги изгубиле поради овие две причини и целосно погрешно поставената стратегија на почетокот. За 2021 година бројките се уште полоши, само во првите три квартали (до 1 октомври) имаме 21.630 умрени, значи ќе надминеме општа смртност и од 2020 година. За овие 9 месеци имаме 5.113 умрени од ковид. За второто тромесечје од 2021 година споредено со истиот период од предходната година имаме дури 40,2% зголемена смртност??? Со веќе собрано искуство, со веќе голем број вакцинирани и прележани. Треба ли да бидеме загрижени. Многу. Болничката смртност за двете години ни е над 22 %. За споредба најтешките менингити и некои енцефалити (воспаленија на мозокот) се со ваква смртност. Секоја болничка смртност, и тоа само ако се анализираат само тешките случаи со пневмонија треба да биде околу 10%. Ако се хоспитализираат и средно тешки и полесни форми смртноста треба да биде помала. Се друго е катастрофа.
Убеден сум дека здравствените работници во Македонија по квалитет се многу блиску до соседите и до Европските земји. Зошто ни се случува овој помор? Поради скроз погрешната стратегија поставена на сила, без консултација со експерти, го измешавме целиот здравствен систем… Во паниката и стравот од КОВИД 19 на еден загубен од ковид за 2020 година изгубивме 1,5 пациент од некоја друга причина (1178 од ковид и 2051 од други причини). Сето ова е резултат на длабока политичка криза, одговорните во државата како да не се тука, како да не сакаат да се соочат со реланоста. И за поминати две години се надеваме на некаков преокрет, и на вакви резултати нема ни една кадровска промена во целиот здравствен систем, нема промена на стратегија, нема анализи. Се однесуваме исто како на почетокот во март 2020 година.
И сега, се прашувам што понатаму. Како очекуваме да го надминеме сево ова, или ке оставиме уште неколку илјади загубени животи. Одевме две години со хирург, сега се предлага стоматолог, на сред пандемија. (немам против ништо во некои мирни времиња секој треба да добие шанса, впрочем имамвме и правник за министер за здравство), но реалните очекувања се дека ќе продолжиме исто или ќе биде полошо. Новиот министер мора да понуди јасни решенија и за превентивните мерки, а уште поважно да знае да ја сведе болничката смртност на околу 10%, да го намали бројот на умрени и да биде слично како соседните држави, Србија, Албанија, Грција (Бугарија поминува многу лошо слично на нас). Во исто време мора да се сведе смртноста од другите болести на бројките од пред пандемијата. Но, ако поминеме исто или полошо, ако изгубиме плус неколку животи (а не како сега со илјади), одговорноста овој пат нема да биде на министерот на здравство. Одговорност треба да има за сите што се во политиката, од опозицијата, до тој што ќе даде мандат на вакво решение, до сите пратеници кои нема да побараат вакви резултати од било која влада и од било кој иден министер за здравство. И секако до секој новинар и интелектуалец во државава.
Скопје 6.12.2021 год Проф др Вело Марковски