Никола ГРУЕВСКИ
1.Се сеќавате ли кога во 2017 година СДСМ ја превзема власта, како новите членови на владата на чело со новиот премиер Заев и вице премиер Кочо Анушев “на големи ѕвона” објавија и држеа бомбастични пресконференции дека ќе го сменеле системот за давање државна помош и ќе го направеле многу потранспарентен, a со тоа и привлекувањето на странските инвестиции ќе станало потранспарентно, бидејки според нив дотогаш не било транспарентен.
Знаев дека ќе направат некаква глупост.
Најавија и направија промена на законите, за кратко време.
Патем ги отпуштија сите инвестициски промотори распоредени во 34 градови во светот и ја растурија целокупната промотерската мрежа која даваше солидни резултати и која со години ја градевме со непартиски, стручни и професионални кадри, бирани на нај професионален начин. Да потсетам дека освен привлекување на инвестиции тие беа задолжени и да наоѓаат пласман за извоз на македонските компании, па и во тој дел даваа добри услуги на многу компании од Македонија.
На местото на министрите, замениците министри, советниците и директорите задолжени за привлекување странски директно инвестиции, кои едвај успеав да ги убедам да ја напуштат Америка, Велика Британија или други западни земји и компании во кои работеа како Мајкрософт, Хјулид Пакард, Меккензи, Џенерал моторс, Магна, Сименс, Светската банка, Сеаф и др. и со своите семејства да се преселат во Македонија за да со своето искуство, вештини и знаење помогнат на народот и државата, назначија несоодветен кадар од типот на Љубе Бошковски, Самка Ибраимовски, Рамиз Мерко, Зорица Апостолски, Зоран Шапуриќ и други аматери во областа на привлекување странски директни инвестиции, добар дел од нив и без солидно познавање на англискиот јазик, а уште помалку вештини за привлекување крупни мултинационални компании. Не сакам никој човек да го потценам, бидејќи верувам дека секој човек носи некаква вредност во себе, но веќе и резултатите потврдија дека вредноста на овие луѓе треба да се бара во некое друго поле кое не е привлекување нови странски директни инвеститори.
Пет години подоцна Државниот завод за ревизија објави извештај во кој стои дека главен проблем при делењето на државната помош во период 2017-2022 година е целосно нетранспарентното делење пари од стана на владата.
Откако експресно на почеток на мандатот се навежбаа со веќе легендарното криминално делење пари за поддршка на иновации на семејствата на партиските функционери на власт и роднини на новинари кои под превезот на независни новинари континуирано ги поддржуваа, така навежбани и охрабрени од “почетниот успех“ се префрлиле на делењето т.н. државна помош на компании кои не се само странски туку и домашни, а лани пак почнаа да прават пропаганда од тоа со посетите на премиерот на фабриките на кои на нетранспарентен начин им делеле државна помош. Донесоа и некаква законска одредба со која ако владата прогласи некоја инвестиција за “стратешка” можат огромни бенефиции да и дадат без некои јасни критериуми и таа одлука на влада да има сила на закон.
Јас тогаш во 2017 година јавно апелирав да не го рушат она што одлично функционира, тешко и макотрпно од нула создадениот систем за привлекување странски директни инвестиции.
Тогаш немаше вакви извештаи а имаше многу нови инвестиции и нови фабрики со чии понатамошни претходно планирани развојни фази уште кога биле привлечени во земјата, актуелната власт денес “се кити со туѓи перја” небаре тие ги изградиле слободните зони, тие го создале еден од најконкурентните системи во Европа во полето на привлекување странски директни инвестиции и тие ги пронашле, убедиле и донеле во Македонија фабриките и инвеститорите кои сега ги реализираат уште од тогаш предвидените следни фази на нивниот развој и инвестирање во нови капацитети.
Еве го резултатот денес.
Речиси да нема нова крупна странска инвестиција која ја донела новата власт.
Или станува збор за проширување на старите инвестиции донесени од нас и планирано уште тогаш кога влегле во Македонија, или компании кои ние ги низ долги и макотрпни преговори и убедувања ги донесовме при крај на преговорите а во нивно време само се потпиша или се случи инвестицијата.
Паметам дека кога дојде до трансфер на власта, бевме почнале преговори со инвеститори за над 300 нови фабрики, а со околу 60 бевме во длабока или завршна фаза на преговори од кои по доаѓањето на новата власт повеќето се откажаа, а помал дел ја направија инвестицијата. Новата власт од 2017 година наваму не разви, ниту донесе нови или задржа од старите капацитети за привлекување на нови странски инвеститори, бидејќи очигледно или тоа не и беше приоритет или не знаеше како да го направи. Можеби и двете.
Тоа што тогаш и сега и го прават на Македонија и на народот кој чека да се овозможи подобар живот, да се отворат нови работни места и да порасне животниот стандард е рамно на злочин во овој сегмент.
Единствената работа во оваа област за која се фалеа дека ќе бидат подобри, излезе дека и во тоа се многу полоши: транспарентноста!
Зборот “транспарентност” од уста не им излегуваше најмалку 2-3 години потоа, а сега излезе дека злоупотребувале до крајни граници да државниот завод за ревизија со директори кои самите тие ги поставиле неможе а да не ја констатира катастрофата и криминалот, за кој никому не му паѓа на памет да превземе одговорност и да одговара за тоа.
2.Веројатно забележавте дека од септември до декември 2022 година премиерот Димитар Ковачевски речиси секој ден посетуваше некоја фабрика каде државата дала државна помош, односно пари од буџетот за да купат некои машини или слично.
Тоа е резултат на добиените истражувања од анкетите кои сами ги нарачале за нивна употреба и каде виделе што мисли народот за нив во делот на привлекување странски директни инвестиции и отворање нови работни места односно за нивниот учинок за развој на економијата и животниот стандард, па беа решиле да ја посетат секоја фабрика каде државата дала некоја парична помош.
Па така со секојдневни посети на фабрики каде според државните ревизори на нетранспарентен а со тоа и криминален начин делеле народни пари, сакаа да создадат нова перцепција кај народот, дека имаат огромни успеси со нивните економски политики. Не им помина обидот и наместо промена на перцепцијата добија подсмев како одговор на граѓаните.
И не се откажуваат.
И понатаму држат пресконференции со кои ја потценуваат интелегенцијата на народот.
3.Додека сето ова се случува во Македонија, другите земји наместо пропаганда со донирани народни пари брз некои спектакуларно повратни ефекти, нижат успеси со огромни странски директни инвестиции.
Србија на пример веќе апсорбира над две третини од сите странски инвестиции на западниот Балкан. Некогаш ја имаше
Македонија како голем конкурент во тие напори, денес веќе нема такви нешто.
Или на пример земјата во која престојувам – Унгарија, која со силно разработен систем на привлекување странски инвестиции успеваше и успева и во најкризните периоди на “Ковид кризата” или сега во кризата предизвикана од војната во соседството да привлече огромни инвестиции од секаде, тргнувајки од Америка и западна Европа па до Кина, Јужна Кореја и Јапонија со балансираност и диверзифицирани извори на инвестициски вложувања.
И многу повеќе од тоа.
Тие влегоа во фаза кога унгарски крупни компании станаа значајни инвеститори во поширокиот регион на централна и источна Европа, како на пример нафтениот гигант МОЛ, ОТП банката или 4IG во делот на телекомуникациите.
Земјата паралелно гради свое огромно пристаниште во Трст, на пат е и во завршни подготовки за проект со чија реализација ќе ја дуплира моќноста на нуклеарната централа “Пакс” за производство на струја, а доби и гас од ново изградениот гасовод “Турски тек”. И редица други крупни проекти.
Така, лани во 2022 година е поставен нов рекорд на странски директни инвестиции: во Унгарија се инвестирани 6,5 милијарди евра.
И претходната 2021 година беше рекордна до тогаш со 5,9 милиони евра странски директни инвестиции, кога го надмина претходниот рекорд од 2019 година.
Напорите за промоција на инвестициите на Унгарија беа препознаени на глобално ниво со разум, а Унгарија беше второпласирана во категориите „Најдобра за инвестирање по глава на жител“ и „Севкупно најдобра за инвестирање“, пред земјите од Вишеградската четворка.
Да потсетам дека Македонија некогаш беше прогласувана не само за земја со најниска ефективна даночна стапка на светот (The global competitiveness report 2014-2015), туку и европски лидер според бројот на ново креирани работни места по глава на жител отворено од странски инвеститори (Earnst and Young, 2015), прво рангирана во светот во условите за создавање нови работни места (на милион жители) преку странски директни инвестиции (IBM business institute 2016), неколку години беше помеѓу топ 10 реформатори во светот (World Bank, Doing business report 2008, 2012 и 2014), десета најдобра земја во светот и петта најдобра во Европа во условите за лесно правење бизнис (The World bank, Doing business report, 2016).
Дополнително дипломатската структура на Унгарија силно е фокусирана на пласман односно извоз на унгарските производи во сите земји и на сите континенти и има евидентни успеси во тоа (35та земја во светот според обемот на извоз, пред Норвешка, Финска, Израел, Аргентина, Чиле итн).
За време на актуелната власт во Македонија единствен посериозен напор дипломатската мрежа направи во промоција на ајварот кој го произведува фабрика сопственост на семејството Заеви. Што им барале, тоа работеле, а очигледно некои дипломати тоа го беа сватиле како можност за умилкување кај тогашниот премиер.
Во 2022 година Јужна Кореја е на врвот на листата на инвеститори во Унгарија, а Германија води по бројот на новоотворени работни места.
Гледано од аспект на територјална избалансираност во 2022 година 48 отсто од инвестициите во Унгарија биле од Исток, 42 отсто од Запад, а домашните инвестиции достигнале 10 отсто. 73 отсто од инвестициите се однесуваат на индустријата за електрични автомобили, а 43 отсто за производство на електрични батерии.
Најголемата инвестиција во унгарската историја ја реализира кинеската компанија Contemporary Amperex Technology, која исто така беше најавена во 2022 година. Инвестиција од 7,34 милијарди евра во градот Дебрецен близу границата со Украина и Романија, каде што ќе биде фабриката за батерии.
Другиот водечки светски производител на батерии, јужнокорејскиот SK Innovation, ја гради својата најголема европска единица во Иванча – Унгарија, со гринфилд инвестиција од 2,29 милијарди долари.
Во регионот на Дебрецен германскиот автомобилски гигант BMW гради фабрика за целосно електрични автомобили, а веќе лани најави и втора фабрика за батерии за електрични автомобили, со што инвестицијата во проектот ќе достигне 2 милијарди евра, што ја прави фабриката трета најголема гринфилд инвестиција во историјата на Унгарија, каде ќе се отворат 1.500 директни работни места.
Можеме само да замислиме колку фабрики за делови на автомобилите на ВМW ќе се изградат во тој регион и колку логистички центри, магацини и други услужни дејности и колку индиректни работни места ќе се отворат.
Автомобилските германски гиганти “Ауди” и “Мерцедес” и јапонскиот “Сузуки” веќе имаат свои фабрики во Ѓор, Кечкемет и Естергом кој е близу границата со Словачка.
Фабриките за автомобилски делови ги има многу. Една од нив, турскиот гигант за производство на стакло за автомобилската индустрија “Шишеџам” покрај проширувањето на фабриката во Асод, објави и градење нова фабрика во градот Капошвар во јужните региони на Унгарија.
Ова го пишувам за да не помислиме дека ако во Македонија не доаѓаат, странските директни инвестиции запреле. Не, тие си одат во други земји во централна и источна Европа, вклучувајќи ја и југоисточна Европа. Полска, Романија, Бугарија, Словачка, Чешка се во групата на Унгарија и Србија. Македонија е во друга група со Босна и Херцеговина и Косово. Два официјални протекторати и еден неофицијален протекторат. Тука некаде во таа група е и Албанија.
Условите за миграција на вработени се повеќе се либерализираат, па колку повеќе македонските власти не се способни да привлечат странски и да им помогнат на домашните инвестиции и да отворат нови работни места, толку повеќе граѓаните на Македонија одат таму каде има влади кои тоа добро го прават. Земјата неповратно се празни и кога имате неспособна власт, ни членството во НАТО, ни членството во ЕУ ќе ви помогне, колку и да се тие важни за секој потенцијален инвеститор.