Продолжувам со анализа на Насоките за планирање, организација и реализација на наставата, пишува професорката Весна Јаневска на својот фејсбук профил.

Во документот пишува:

ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ПРЕСТОЈ НА УЧЕНИЦИТЕ ВО УЧИЛИШТЕ

● Сите ученици од 1. до 5. одделение престојуваат во училиште 5 саати дневно (исклучок се оние кои поради продолжен престој може да престојуваат и повеќе саати во училиште). Учениците од 6. одделение престојуваат во училиште 6 саати дневно.

● Поголемиот дел од времето во текот на задолжителниот престој, учениците го поминуваат во редовна настава по задолжителните и изборните предмети (оние од 1. до 5. одделение во просек 3-3,5 саати дневно, а оние од 6. одделение, во просек 4-4,5 саати дневно), а остатокот од времето е наменет за неструктурирани активности (како што се одморите меѓу часовите), а дел за активности што се структурирани и организирани од наставниците или од училиштето во вид на одделенски час, дополнителни или додатни активности поврзани со наставата или со воннаставните активности со кои се задоволуваат потребите и интересите на учениците (какви што, на пример, се: хор, оркестар, спортски клуб, подготовка на театарска претстава, еколошки и хуманитарни акции).

Претпоставувам дека на оние кои не се во настава, овој текст и не им кажува многу, но со пример тоа би изгледало вака:

Во Македонија огромен број училишта работат во 2 смени, во кои се ротираат пониските и повисоките одделенија. Учениците од VI одделение ќе престојуваат 6 часа девно на училиште. Значи ако се прва смена од 7.30 часот до 13.30 часот. Во 14 часот почнува втора смена. Ако учениците од VI одделеие се втора смена на училиште ќе бидат од 14 часот до 20 часот. Додека стигнат дома сигурно ќе помине половина до 1 час, значи 21 часот.

Се надевам дека после 6 часа на училиште не очекувате веднаш да седнат над книга. Значи треба да учат следниот ден наутро, за да се подготват за тој ден. Да претпоставиме дека ќе учат од 8 часот до 12 часот затоа што треба да совладаат повеќе предмети, да истражуваат литература, да користат интернет, да анализираа, да пишуваат домашна, проекти и слично. После тоа продолжуваат на училиште уште 6 часа и некој очекува да одржат концентрација, да не почуствуваат умор, да им биде забавно и интересно и да покажат успех?

За училиштата (помал број) кои работат во 3 смени немам коментар.

Да, јас сум согласна дека учениците треба да поминуваат повеќе време на училиште, но во тоа време да ги совладаат содржините или „постигнат стандарди за оценување“. Ако во 6-те часа поминати на училиште учениците не го совладаат поголемиот дел од материјалот, молам да ми се објасни како тоа учениците ќе постигнат успех без да поминат на училиште и дома во учење, збирно, најмалку 10, а по потреба и 12 часа.

Ве молам објаснете вие кои го одобривте овој „супер модерен и напреден“ документ како децата ќе совладаат се’ предвидено во програмата за 10 те часа граѓанско? Кога наставникот ќе предаде, кога децава ќе научат, истражуваат, анализираат и кога наставникот ќе ги испраша за да формира оценка?

Сте помислиле ли дека пак се’ ќе се сведе на притисок врз наставниците да пишуваат петки?