Дарко ЈАНЕВСКИ

Претседателот на СОНК и Советот на СОНК денеска го ставија штрајкот на наставниците во мирување, со образложение дека ако не го сторлеле тоа ќе го прекршеле законот, а штрајкот ќе бил во мирување додека спорот не бил решен со „мировни преговори“.

Неделков не појасни на кој закон мисли кога вели дека ќе бил прекршен ако не го ставеле штрајкот во мирување, но очигледно станува збор за Законот за мирно решавање на спорови.

Ова е нов изум од таборот на Министерството за труд и социјала на Тренчевска, која веќе се прослави со недугавите изјави дека кривично ќе одговарала ако им ги исплатела платите на штрајкувачите, но станува збор за сериозна манипулација, која очигледно ја прифати и СОНК.

Имено, Законот за мирно решавање на спорови се базира на принципот на добрволност. Начелото на доброволност, кое е основно начело на Законот (член 5) предвидува дека „страните во колеткивен или индивидуален работен спор се слободни доброволно да одлучат дали ќе пристапат кон мирно решавање на спорот, ако со овој закон не е поинаку определено“.

Значи, СОНК, не морал да го стави штрајкот во мирување, ако не сакал, освен ако со Законот не поинаку определено. Дали е поинаку определено, па СОНК морал така да постапи, како што вели Неделков?

Член 18 од Законот вели дека во случај на штрајк во сферата на образование и заштита на децата, страните во спорот се должни веднаш да пристапат кон мирно решавање на спорот. Во тој случај за време на помирувањето, штрајкот се става во мирување. Значи должноста постои. Но, секогаш има едно „но…“.

Имено, во овој случај, тоа „но“ е член 19 кој вели дека „страните на спорот (во овој случај СОНК, МО и МТСП), се должни да поднесат предлог за помирување во рок до два дена од настанување на спорот“.

Веројатно не треба да ви објаснувам дека спорот е настанат со месеци наназад, односно одамна, па следеше штрајк кој трае веќе три недели и облигаторниот рок од два дена е одамна истечен. Толку од познавањето на законите во МО и МТСП на Тренчевска.

Па, понатаму се вели дека „ако страните во спорот не поднесат заеднички предлог се должни да го известат министерството за надлежно за работите од областа на трудот“ (во случајот МТСП да се извести само себе), „кое во рок до ДВА дена од ДЕНОТ НА НАСТАНУВАЊЕ НА СПОРОТ ИЛИ ШТРАЈК во дејностите од член 18“ (каде спаѓа и образование и заштита на децата), „по службена должност покренува постапка за помирување“.

Е, сега, повторно да нагласам дека веројатно не треба да ви напоменувам дека тие два дена од денот на настанување на спорот се одамна поминати и дека токму МТСП и МО го прекршиле Законот за мирно решавање на спорови непостапувајќи на овој начин и се директни виновници за штрајкот, за кој сега СОНК нема обврска да го стави во мирување, бидејќи роковите се истечени, наспроти тврдењата на Неделков.

Тоа значи дека СОНК, во оваа фаза од штрајкот немаше должност да го прифати мировното решавање, а Тренчевска можеше слободно да се обрати до надлежниот суд па таму да објаснува зошто во првите денви по започнување на штрајкот не го испочитувала барањето од Законот за мировни спорови и зошто заедно со Неделков сега го повредуваат правото на штрајк на наставниот кадар и другите вработени, манипулирајќи ги со некакви законски одредби кои во овој момент, после месеци од избивање на спорот (кој фактички трае од моментот кога минималната плата лани беше зголемена на 15 000 денари, а платите на останатите не беа усогласени) немаат никакво значење.

Патем, ниеден штрајк не започнува туку-така, постои процедура во која се известува работодавачот, постои процедура преку која беа запознаени и МО и МТСП и тие, во тие први денови, како што налага Законот, требаше да побараат мирно решавање. Испуштајќи ги роковите, го испуштиле од раце и Законот на кој сега им текна како последна сламка за спас, па наводно применувајќи го, вршат ново беззаконие.

Има и други одредби во Законот во врска со ова, но тие битно не ја менуваат суштината дека помирувањето во основа се базира на доброволност, дека во образованието и детската заштита страните се должни да пристапат кон помирување, но роковите за тоа се одамна одминати (член 18 вели „веднаш“, па потоа следи рокот од два дена за поднесување прелдог по почетокот на штрајот итн, а целта на овие одредби е всушност да се спречи прекин на работата во битни за државата дејности), така што СОНК немаше да прекрши никаков закон, посебно не овој, ако продолжеше со штрајот, кој всушност требало да биде ставен во мирување ако тие што треба од Министерството на Тренчевска и самата госпожа министерка го познаваа Законот.

Сега, мирувањето на штрајкот е очигледно изнудено, нема врска со Законот за мирно решавање на спорови, а наставниците и вработените во градинките остануваат со своите ниски плати, за на крај да прифатат некој ситнеж што наводно ќе биде мирно договорен.

Тоа што е најинтересно е дека според Закон кој токму Треневска и нејзиното Министерство пропуштија да го применат на време, страните на спорот немаат обврска да го прифатат тоа што ќе произлезе од „мировните преговори“ и во тој случај штрајкот ќе може да продолжи.

Но, целата поента е да овој процес на „мировни преговори“ трае до завршување на школската година за да има кој да ги чува децата на родителите, а потоа СОНК може да штрајкува колку сака. До есен, кога повторно ќе биде измислено нешто ново, за одново да ги преведат жедни преку вода наставниците, доколку не го прифатат ситнежот што ќе им биде понуден.

Но, тоа е тоа! Ама, барем да се знае дека ставањето на штрајкот во мирување, во овој момент, нема никаква врска со никаков закон. Колку да ја извадиме лагата на видело!

А ова подоле се релевантните членови од Законот за кој Неделков и СОНК наводно не знаеле, а за кој наводно, како што вели Неделков, во МТСП имале подбро познавање. Уште една лага.

(Да не ве залажува став 2 од член 18 кој вели дека сето ова ќе заврши за десет дена. Нема! Но, обрнете внимание на роковите од член 19 кои се одамна изминати!)