Соочен со мега-посетноста на митингот во „Борис Трајковски“ на конкурентската ВРЕДИ, Али Ахмети „смисли“ јалов план како да ќари некој глас кај Албанците. Или барем, се надева на тоа. Откако видоа дека кај ВРЕДИ доаѓаа со автомобили, па и сами, а ДУИ пак ги „мкнеше“ со автобуси и сендвичи од Тетово и Гостивар за да направат митинг во Скопје, Алија во уплав пак се врати во најдоброто засолниште на неспособните, национализмот, пишува Курир во својата анализа.
Така, помпезно и патеично од ДУИ известија дека претседателот на оваа партија, Али Ахмети, на 17 октомври, во последниот ден од изборната кампања, одлучил да ги откаже сите планирани партиски активности и да учествува на општонародниот протест во Тирана, свикан, како што дообјаснуваат, од организациите произлезени од војната на ОВК. Демек, каузата му е побитна од гласовите, а со присуството на протестот сака всушност да ќари некој глас.
Всушност, прикаската е многу поголема – освен некој глас „приде“, Ахмети во Тирана создава отворен фронт за Албанија, како јасна порака дека за ДУИ македонските граѓани и интереси се во втор план, додека регионалната кауза во прв план.
Истовремено, симултано СДСМ во Скопје отвора тивок фронт за Бугарија. Она што јавноста само го претпоставува, а нашите извори го потврдуваат, е дека резолуцијата на СДСМ за уставните измени и рокот до 10 февруари 2026 година е директен производ на координација со Софија.
Нашите извори потврдуваат: уште во август се одржале серија состаноци во Скопје и Софија, на кои токму овој датум бил зададен како краен рок за да се отвори првиот кластер од преговорите. Не станува збор за домашна иницијатива, туку за исполнување на бугарски услов, кој треба да им донесе „надворешна“ поддршка на Филипче и неговото октроирано раководство.
Изворите велат дека во пакет се пристигнати и „Работни материјали“ од Софија. Дознаваме дека првичниот нацрт на „резолуцијата“, дадена на тацна, содржел формулации директно преземени од работни материјали на бугарското МНР. Подоцна, тие се само „преведени“ во стил на СДСМ, но суштината е иста – уставни измени по бугарска агенда и диктат.
Нашите извори потврдуваат: Дел од пратениците на СДСМ биле и изненадени од брзината и начинот на кој резолуцијата се протнува. Еден од нив вели: „Ни беше кажано дека тоа е услов за Брисел да не ја изгуби трпеливоста кон Македонија“. Всушност, тоа не беше услов од Брисел, туку директива од Софија.
Адресите се можеби различни, но целта на СДСМ и ДУИ е иста. Ахмети отворено маршира кон Тирана. СДСМ тивко маршира кон Софија. Различни адреси, иста цел:
- Да се девалвира цврстата национална позиција на ВМРО-ДПМНЕ,
- Да се создаде впечаток дека „нема алтернатива“ освен попуштање,
- Да се претвори Македонија во терен за туѓи агенди. Пак…
Цврстите национални позиции на Христијан Мицкоски претставуваат вистинска ноќна мора за Софија, посочуваат нашите извори. Додека СДСМ се обидува со резолуции да протне бугарски диктати зад завеса на „европски услови“, Мицкоски останува недвосмислен: македонскиот идентитет, јазик и историја не се предмет на пазарење. Таа јасна линија е причината зошто во Софија нервозно и помно ја следат секоја негова изјава и зошто нивната најголема надеж е токму во слабите структури кои се подготвени да ја продадат Македонија за мали политички поени.
СДСМ се докажана и „проверена“ партија на ова поле, „маша“ која отсекогаш била користена од надворешни фактори кои не и мислеле добро на Македонија. Партија која го смени знамето, донесе привремено име, територијална поделба, која го смени исконското, уставно име, која донесе неаргументирана двојазичност. Партија која на залезот ан својата „кариера“ како подизведувач на туѓи интереси, ќе стори се за да не згасне. За нивна жал, овојпат наидоа на пресилен противник, без багаж зад него, со јасна цел пред себе…