Наизглед сосема небитна вест, всушност ги открива картите на бугарската асимилаторска политика, чија крајна цел е Македонија – односно „еден народ во две држави“.
Соседна Србија објави дека од 5.000 до 8.000 српски државјани имаат бугарски пасош. Но, тоа што ја вознемирува тамошната јавност и аналитичарите е трендот на земање бугарско државјанство, а со тоа и пасош за подобар живот во ЕУ, се вели во анализата на порталот Курир.
Податоците покажуваат дека последните 2 години трендот нагло се зголемува, односно во тој период 2.000 срспки државјани станале и бугарски.
Слично како и за Македонија, Софија на нив повеќе не гледа како на Срби, туку на Бугари во дијаспората.
Тоа што ги загрижува тамошните аналитичари е фактот-моментот, веќе виден на дело во Македонија, кога Бугарија ќе тврди дека тоа се нејзини граѓани, во нејзин културен простор и нејзина историска одговорност.
Познато, нели!?
Оттаму загриженоста кај српската јавност дека за 10, 20 или 30 години Софија и таму ќе излезе со тврдење дека во Србија живеат 50.000 Бугари, дека тоа е нејзина територија, нејзин интерес и нејзина историска обврска. Се разбира, сето тоа зачинето со бугарско толкување на историјата.
Пасошот одамна не е само средство за патување или барање подобар живот, туку и основа на меѓународното право, идентитетот, но и територијалните и културни претензии. И сето тоа заверено во офицјалните документи на меѓународните институции.
Така бројките стануваат политички алатки, предупредуваат српските аналитичари. Тие повикуваат повеќе да не се молчи на трендот на бугаризација на Србите, туку да се направи детална анализа на двојните државјанства по општини, да им се понуди на своите државјани, пред се на југот од Србија причина да останат тоа што се и да се отвори јавна дебата за последиците од колективна идентитетска промена.
И тоа додека не биде доцна.
Познато, нели!?
Всушност асимилаторската политика на Софија јасно ги исцртува своите граници на делување, со фокус на стратегијата – Македонија, еден народ две држави.
И не случајно предмет на таа политика се земјте од опкружувањето чиј пат до Брисел е далеку.
Прво цел беше Албанија. Со закана за вето Тирана беше принудена прво да ги признае и Бугарите како малцинство. Тоа го отвори патот многу Македонци да си ја побараат среќата во ЕУ со бугарски пасош, добиен само и само врз основа на изјава за бугарски корени и бугарска самосвест. Ако на претходните пописи ниту еден албански државјанин не се изјанси како Бугарин, на последниот нивната бројка изнесува 8.000. Се разбира сето тоа потпомогнато со познатата тактика на поткуп со државјанства, пасоши, таблети, книги и слично, и преку бугарската амбасада во Тирана и преку нејзиниот посредник фондацијата „Бугарска меморија“
Асимилацијата почна во Албанија, а продолжи во Косово, за да последна мета биде Србија.
На тој начин официјална Софија сака да ја заокружи мапата на Санстефанска Бугарија, митот за постоење само на Бугари, но не и на Македонци и други на тие простори.
Мит или не, тоа е стратегија и на официјална Софија и на нејзината академија на науките и на нејзините историчари.
ПС
Дали тоа го гледа Брисел? Очигледно се уште не, или барем не сите во европската престолнина. Оти ако го гледа, наведените земји што поскоро ќе станат членки на ЕУ. Тогаш бугарските конзулати ќе останат без работа, а митот за Бугари – еден народ во две држави ќе се пукне како меур од сапуница.