По катастрофалните изборни порази на минатите локални избори и по црвениот картон кој го доби од граѓаните, Зоран Заев беше принуден да стане од претседателското столче на Бихаќка. На негово место мораше да седне некој друг, па во немајкаде ситуација го најде Ковачевски, кој две години потоа на 8-ми мај 2024-та го донесе најголемиот изборен дебакл за партијата, се вели во анализата што ја објавува порталот Курир.

Првиот пик на Заев се  покажа чисто промашување, па помалку парадоксално – се побара и чувар на досегашниот чувар на тронот. Иницијацијата се одвиваше во Атина, токму пред изборите за претседател, каде Зоран го прошета Венко и го запозна со Ципрас. Неколку дена подоцна, го избраа за прв човек на СДСМ?! Ова не беше случајно, се чини „најдобриот“ избор за него беше пријателот за возење квадови, па кога научија на четири се „качија“ на две па „зајаваа“ ултра-скапи БМВ мотори од 30-на илјади евра (оти чуле дека „возат сами“) и, верувале или не – ги возеа и се возеа и додека луѓето во Македонија умираа од корона. Изборот беше кој друг, ако не Венко Филипче.

Дали на Заев му беше потребен некој кој само ќе го топли столчето кое тој мораше да го напушти, а не наследник кој ќе му ја презеде најголемата пасија да управува со СДСМ?


Ако досега некому тоа не му беше јасно, по вчерашното признание на Филипче веќе нема дилема. Тој не само што не се огради од Заев и сите погубни политики кои тој изминативе години ги водеше во Македонија, туку напротив – го издигна на пиедестал како човек на кој е лојален и го почитува.

-Не сметам дека треба да расчистуваме со нашите претходници. Јас имам одлична комуникација и со Зоран Заев и со останатите поранешни претседатели, со Димитар Ковачевски, со Радмила Шекеринска, со Владо Бучковски и со нив се консултирам, меѓутоа јас сум тој што ги бара и што бара нивни совети. Ниту еден од споменатите не се луѓе што мене ми се јавиле и сакале со нешто да влијаат на креирање на некаква политика или да влијаат на некое кадровско решение. Ниту еден од нив, апсолутно. Јас како претседател на партија сега преземам одговорност за функционирањето на партијата и нема да дозволам да има некој да влијае на тие процеси. Меѓутоа, тие луѓе се тука секогаш да помогнат поради тоа што во еден одреден временски период секој еден од нив се вложил себеси за да оваа партија биде тоа што е сега, вели Филипче.

На прашањето како би ја дефинирал позицијата на Заев сега, Филипче рече:

„Зоран Заев рече дека ќе се повлече од политиката и тој се повлече од политика. Се врати на неговите семејни работи и сега тој воопшто нема намера, ниту тенденција да се враќа или да сугерира нешто во СДСМ.“

Каков развој или напредок на политичката партија во опозиција очекува членството кога актуелниот лидер бара „амин“ од претходниците? Анкетите кои го покажуваат рејтингот на СДСМ тргнуваат кон слободен пад.

Аналитичарот и колумнист Александар Ристевски во изјава за КУРИР посочува дека влијанието на Заев и по неговото напуштање на партиската функција е очигледно.

-Повеќе од очигледно е влијанието на Зоран Заев во актуелнава новоизбрана структура на СДСМ. Со самото тоа што јавно сè уште искажуваат незадоволство голем дел од структурите и се дистанцираат од раководството, почнувајќи од Петре Шилегов кој е сè уште тука во партијата, но очигледно не е во игра, но земајќи предвид дека огромен број од членството или е политички дистанцирано, особено оние поистакнати експоненти кои се гледа дека низ годините вршеле битни функции и останале неизвалкани, не се веќе тука во самата партија. Гледаме и со самото тоа што структурата на владиниот коалициски партнер ЗНАМ се во огромна мерка членови и припадници, поранешни активисти на СДСМ, вели тој.

Ристевски во изјавата за КУРИР оценува дека СДСМ уште долго време ќе биде заложник токму на Зоран Заев.

-Самиот Венко Филипче и неофицијално важи за најдобар другар, барем во политиката на Зоран Заев. Тоа можеме да го гледаме низ годините преку нивните заеднички дружби, а и можноста тој да го уфрли како неполитички претставник во Владата. Повеќе од очигледно беше дека Заев става свој играч и дека тој сè уште работи на некој начин под инструкции или ги штити интересите на своевидната веќе фирма приватизирана, а тоа е СДСМ. Со самиот избор на претставници и членови на новото раководство се гледа дека во догледно време, уште долго време, самиот СДСМ ќе биде заложник токму на Зоран Заев, анализира тој за КУРИР.

До кога Филипче ќе игра, а Заев ќе свири во СДСМ? Двајцата заедно својот тандем го славеа во луксузниот Дубаи. Двајцата политичари кои уживаа во своето богатство додека народот тонеше во сиромаштија и страв за време на коронавирусот, не мора да објаснуваат што правеа во престолнината на луксузот, туку што правеа дома кога едниот беше премиер, а другиот министер за здравство. Во моменти кога здравството како сектор падна на сите тестови во време на пандемија.

Народот не им дозволи веќе ја одлучуваат за Македонија и да бидат на власт, а до кога членовите на СДСМ ќе молчат додека овие ги манипулираат кој е марионета, а кој влече конци, останува да видиме.