Олгица Никола Трајковска

По повод намерата за внесување на Бугарите во Македонскиот Устав, се` почесто слушаме видни научни, општествени и стручни лица, меѓу нив и политичари и пратеници, а за изненадување – декларирани како опозициски и промакедонски, дека: „Немале ништо против внесување на Бугарите во Уставот“, освен, со единствената дилема дека немале одговор на прашањето: „Која била причината за тоа?“

За оформување сопствен став кон ова најмалку наивно прашање (бидејќи, очигледно, никој компетентен не работи на изградување национален, државнички став) може да се пријде од неколку аспекти, а еве некои, кои неминовно би требало да кореспондираат барем со содржината на Преамбулата на Уставот.

Со Преамбулата, меѓудругото (да не ги повторуваме познатите дефекти, еуфемизми, дилеми, контрадикторности и недоследности, до степен на трагикомичност!) е утврдено дека граѓаните, македонскиот народ и наброените делови од други народи како и ДРУГИ (ненаброени)„…преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, СВЕСНИ и БЛАГОДАРНИ на своите ПРЕДЦИ за ЖРТВИТЕ и ПОСВЕТЕНОСТА во нивните ЗАЛОЖБИ и БОРБА за создавање самостојна и суверена држава Македонија и ОДГОВОРНИ пред идните генерации…во согласност со традицијата на Крушевската Република и правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991…“ ја конституираат македонската држава…итн…
Внимателно следејќи го утврденово, неминовно се наметнуваат повеќе дилеми кои нашата учена и компетентна фела, којашто со децнии е добро платена и издашно бенефицирана од македонскиот народ, би требало децидно да одговори, затоа што одговорноста е првенствено нејзина, не само спрема идните, туку, и особено, пред сегашните и минатите генерации:

1.Врз основа на која и каква научна и/или друга анализа е извршена верификација на придонесот на секој од овие наброени „делови од народи“ кои се именично наброени во Уставот кои „…преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации…“, а посебно дали и зошто други „делови од народи“ се намерно испуштени, а евидентно биле рамо до рамо со македонскиот народ во конститурање на Македонската држава?

2.Дали и кои биле оние Бугари кои ја презеле „одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации…“?

3.Дали и кои биле оние Бугари кои согласно правните документи на АнтифашистичкотоСНОМ застанале, со збор и дело, против бугарскиот наци-фашизам, а во интерес на ослободување на Македонија и борбата против таа бугарска идеологија, па дури, и дали за тоа сноселе некакви последици, како своја жртва (според Преамбулата)?

4.Со кој збор или дело на Бугарите, но и на другите наброени „делови од народи“ е прифатена и афирмирана традицијата на Крушевската република, АСНОМските документи и Референдумот за независност од 1991.?

5.И особено: Дали АНТИФАШИЗМОТ против БУГАРСКИОТ фашистички окупатор, којшто е утврден како ТЕМЕЛ на правните документи на АСНОМ за основање на Македонската држава оркестрирано се руши, и се заменува со друг темел – ФАШИСТИЧКИ? Всушност, дали целта е – со внесување на Бугарите во Македонскиот Устав како нејзин конституент („фашистички окупатор“), треба – Македонската држава да се утврди како негова ФАШИСТИЧКА ТВОРБА?! Па така, формално, со посредно признавање на таков „фашистички темел“ формално и здружено меѓу „пријателите на Македонија“ и Изродите, да се потврди тврдењето во Тиранската платформа дека Македонската држава на „геноцидниот“ македонски народ, вршела геноцид над албанското население? Како нареден, проектиран чекор за испоганување и дотолчување на Македонството?…Итн.

Ништо ново нема да се каже дека и кај овој пример се потврдува старата мудрост дека исправање на кривото со ново криво не само што е залуден, јалов обид, туку може само уште посилно да го накриви искривеното…до проектираното – целосно исчезнување на Македонството!

Веројатно, за нашата учена фела, наброеново е само една – НОВА РЕАЛНОСТ, разубавена со аргументите на „стратешките пријатели“ со „демократско-космополитските и проевроатлански бои на добрососедството“, која, континуирано им ја обезбедува лагодната комоција, како своја СТАРА РЕАЛНОСТ!