Просто е застрашувачки како бугарската политика делува синхронизирано, без оглед на темата кога се работи за Македонија. Речиси во истовреме кога се потпиша договорот за заедничка изградба на тунелот од железничкото поврзување со Бугарија и се одржа уште една неуспешна средба на историчарите од заедничката комисија за историски и образовни прашања, се испалија нови отровни стрели од главната асимилаторска алатка на официјална Софија, државјанствата, односно бугарските пасоши што ги вадат македонски државјани.

Па, така Ангел Димитров, шефот на бугарскиот тим историчари, по неуспешната средба смета дека главната причина да се блокира работата на Комисијата е неподготвеноста на македонските колеги, кои целосно ја следат политичката линија на државата и доктрината за македонизмот, да не се зборува дека постои заедничка историја, а таа е вградена и во Договорот за добрососедство и пријателство, вели историчарот за бугарските медиуми. За него македонизмот наспроти заедничката историја е неверојатен парадокс.

Како потврда на неговата теза веднаш се појавува со барање европратеникот од Европската народна партија, Андреј Ковачев, инаку познат ,,јастреб‘‘ на бугарската официјална политика кон Македонија во Брисел.

Тој бара јавно да се објават бугарските државјанства на Македонците. Според него се работи за 200 илјади пасоши, па бара итно усвојување на измените во Законот за бугарско државјанство. Главна причина за барањето е овозможување на соодветно легитимирање на бугарската заедница во Македонија.

Всушност се работи на втората фаза од бугарската асимилациона политика кон Македонија, по неуспешното агитирање на пописот, на кој како Бугари се изјаснија само 3.500 македонски граѓани. Затоа со јавното објавување на Македонците со бугарски пасоши се преминува во нова фаза од тактиката, односно притисок за нов попис, барем додека трае бугарското вето предизвикано од непромислената предавничка политика на СДСМ и ДУИ, со прифаќањето на преговарачката рамка.

Додека сите земји од ЕУ грчевито се борат да издадат што помалку државјанства на други граѓани, не зачудува леснотијата со која Софија самата нуди ,,гратис‘‘ државјанства, за да може Ковачев сега да потенцира: ,,Вие самите дојдовте доброволно и сте кажале: „Еве, баба, дедо, тие се Бугари. Еве ги документите дека биле во егзархијата, во војската, во бугарското училиште. Јас потпишав декларација дека се чувствувам како етнички Бугарин и врз основа на ова добивам бугарско државјанство‘‘

Тоа што не сака да го призне Ковачев, па и сите други бугарски политичари е и да има 200.000 пасоши, тогаш зошто имателите, македонски граѓани сами не се кажуваат, па мора да бара со закон да се објават? Затоа што одговорот самите го знаат и нема да го кажат. Затоа што најлесниот начин до пасош од ЕУ во потрага по личен економски просперитет и подобар живот е бугарски пасош понуден како на пилјарска тезга, и добиен само со изговарање на волшебниот збор: ,,Ас сам Б‘лгарин, како и моите предци‘‘. Волшебен збор на фрустрираната бугарска стратегија од 19. век која продолжува да се спроведува и во 21. век. Зошто тогаш самите, според Софија ,,благонадежни‘‘ Бугари би се срамеле од пасошот. Напротив би се гордееле дека имаат бугарски корени, наместо да ги скријат пасошите веднаш штом влезат, не во Бугарија, туку во надежните земји од Европската Унија.

Да, тунелот од железницата кон Бугарија може да пушти зрак светло во темните времиња од историјата на кои се повикуваат и Димитров и Ковачев. Но, треба да знаат дека и ветото ќе има крај. Штом Македонија влезе во Европската Унија, на сите 200.000 Македоцни со бугаски пасош, за кои Ковачев бара јавно да се објават, нема да им треба закон. Самите ќе се појават со ,,селфиња‘‘ како ги кинат бугарските пасоши, оти никогаш ниту биле ниту се ,,благонадежни Бугари‘‘.

ПС

Ако е толку сигурна бугарската политика за постоење стотици илјади Бугари во Македонија, со бугарска самосвет, нека дозволи отворање на поглавјата, брзо завршување на преговорите за членство во ЕУ, како што се обврза во Договорот за добрососедство, па потоа Ковачев нека ги пребори бугарските пасоши, а Димитров заедничката историја и потеклото на Охридската Архиепископија.