„Проширувањето е и ќе остане строг, фер и процес базиран на заслуги, заснован на објективниот напредок постигнат од секоја земја вклучена во проширувањето“. Оваа порака на Европската комисија содржана во сите извештаи за напредокот на земјите кандидати звучи толку силно и одлучно, што не би требало да остава сомнеж дека заслугите и индивидуалниот прогрес базирани строго на копенхагеншките критеруми се единствениот еталон по кој се води Брисел кому ќе додели столче на европската маса, се вели во анализата на Курир.
Ако на тоа се додаде пораката дека напредокот бара решителност за спроведување неповратни реформи во сите области на правото на ЕУ, со посебен акцент на основите на процесот на проширување, тогаш Македонија одамна ќе беше член, а поедини земји немаше да бидат ниту членки, ниту ќе преговараа за членство.
Без интенција да навлегуваме во оценките за напредокот по поедини области, сепак нивната тежина можеме да ја ставиме на кантар. Посебно ако кандидат подразбира народ/и со свој јазик, култура и идентитет, демократско владеење и сувереност врз државата. Сувереност која подразбира целосна демократска контрола и владееење на правото на целата територија, подеднакво за сите.
Дали е тоа така со Украина?
Ако се чита извештајот за напредокот на оваа земја, вовлечена во тригодишна војна, предизвикана од руската агресија, тогаш се забележува дека сите оценки нотираат ограничувања во прогресот предизвикани од воениот закон, или воената состојба. Дури и претседателот Володимир Зеленски владее веќе година и половина со истечен мандат, поради неможноста да се органзираат избори.
Како тогаш државата може да спроведува реформи? Како може да исполнува критериуми според заслуги, кога не контролира повеќе од една третина од територијата?
Ако една од причините за руската агресија е статусот на руското малцинство, прашање е како Киев го усвоил патоказот за владеење на правото, функционирање на демократските институции и акционен план за националните малцинства.
Ако во извештајот за Македонија се бележи минимален напредок во судството, борбата против корупцијата, економската дициплина, потоа преминот кон чиста енергија и чиста животна средина, тогаш сериозен сомнеж, ма не сомнеж, туку за неверување е дека Украина успеала од најкорумпирана земја пред војната, среде крвав конфликт да се бори против корупција, дека презема чекори за енергетска транзиција со уништена енергетска инфраструктура, дека воопшто и е грижа за животната средна, кога паѓаат гранати, ракети и дронови речиси на целата територија. Да токму тоа, неконтролирање на целата територија е почеток и крај за сите проблеми, ако се земе предвид мерит системот на ЕУ.
Но, ако земјите членки на Унијата досега мобилизирале речиси 180 милијарди евра финансиска поддршка за Украина, не сметајќи го оружјето, муницијата и опремата, јасно е дека интересот на Брисел е строго политички, без грам заслуги според мерит системот. Во очекување на крај на војната и обнова на Украина, тие земји-членки ќе сакаат да си ги вратат парите, па и да заработат. Затоа за неверување е дека Киев ги изгласал сите закони и услови за бесплатен роаминг со ЕУ од јануари 2026-та, туку бесплатен роаминг за граѓаните од ЕУ кои со илјадници ќе престојуваат во Украина во постконфлитниот период. Затоа не зачудува дека се работи за чисто политичка одлука на ЕУ за отворање на преговорите со Украина. Но, со кој дел од Украина, со Донбас или без, или со територија и помалку од таа.
Слична е состојбата и со Молдавија. Една од најсиромашните земји во Европа. Понесена на политичките крилја на ЕУ за граничење со Русија, прашање е колку и оваа земја го исполнува мерит-системот. И Молдавија не располага со територијалниот интегритет. Всушност и нема територијален интегритет, туку замрзнат конфликт. Голем дел од земјата, Приднестровје или Транснистрија, лоцирана токму на границата со Украина со децениии е сива зона за корупција, шверц, нелегална трговија и безбедносен проблем за Молдавија. Приднестровје кое прогласи независност од Молдавија уште 1990 е населено со Молдавци, Украинци Руси и Гагаузи и таму молдавските безбедносни сили немаат пристап, ниту контрола на над 800 километри догата граница. Ако на тоа се додаде и проблематичниот автономен регион Гагаузија, населена главно со Гагаузи, потомци на турски племиња, јасно е дека и оваа земја има повеќе проблеми отколку што може да ги исполни строгите копенхагеншки критериуми.
И на крај за Кипар, земја членка на Европската Унија од 2004-та година, барем делот што остана од островот по турската инвазија во 1974-та година. Ако приемот на Кипар, без целосен територијалниот интегритет беше политички куриозитет на Брисел, намерата за прием на Украина и Молдавија покажуваат тренд на надвладување на политиката над критериумите, надвладување на интересите над правдата.
Кога премиерот Мицкоски вели: ако ги направеме уставните измени со вметнување на Бугарите во преамбулата, тогаш извештајот ќе беше оценет со петка!, тогаш е потполно во право, но по која цена?
Брисел не го интересира цената туку, само интересот. Ако може да сака за членки земји во војна, тогаш се е на маса и за се може да се преговара.
П.С: Каква апсурдност на Брисел кога станува збор за исти вредности. Додека Украина, Молдавија, Кипар ги прими или сака да ги прими без територијален интегритет, Македонија сака да ја прими осакатена, без идентитетски интегритет.




