Жртва на лаги и на измислици во извештаите на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), за кои бруи јавноста по обелоденувањето на наводите за масовни злоупотреби во тајната полиција во периодот од 2019 до 2024 година, бил и Христијан Илиевски (48), веројатно единствениот Македонец за кого во Италија е напишана книга. Таа книга сѐ уште се продава по цена од 20 евра, а во неа се опишува големиот скандал со местење фудбалски натпревари во Калчо лигата, кој изби во 2011 година, пишува порталот Плусинфо.мк.

Италијанските медиуми тогаш го прогласија Илиевски за водач на криминална група која подмитувала играчи. Откако ќе одлежи 17-дневен притвор, Христијан во следните три години ќе биде недостапен за органите на прогонот во Италија, но во април 2015 година ќе се појави пред истражниот судија, со спектакуларно признание на вина за учество во местење на два фудбалски натпревара, за што ќе добие условна затворска казна од 2 години.

Денес Илиевски со семејството живее во мирната Равена во Италија. Се занимава со градежништво, често патува во Словенија и во Хрватска. Има бугарски пасош. Категорично тврди дека после неговата историја со местенките, ниту еднаш не дошол во судир со законот. Нема ни кривични ни прекршочни казни, а против него не се водат никакви истраги.

Лошата ноќ на Мали Лошињ не можеше да заврши добро

Историјата за местенките во Калчо лигата и за улогата на Илиевски одамна е позната и детално е раскажана во македонските медиуми. Таа приказна нема врска со она што ќе му се случи на овој човек на 4 март 2024 година вечерта, во Хрватска, кога е уапсен на островот Мали Лошињ, а против него е поведена постапка за протерување од земјата. Претходно, хрватската Сигурносно-обавештајна агенција (СОА) испратила информација до полицијата во Риека, со ознака „доверливо“, во која се тврди дека Илиевски претставува закана за националната безбедност. Врз основа на таа информација, тој е протеран од Хрватска, на граничниот премин Хоргош, во Унгарија.

– Да бидам искрен, бев затекнат од целата ситуација. Не знаев што да мислам. Она со местењето натпревари одамна беше заборавено. Во градежниот бизнис имав успеси, а во моментот на протерувањето бев среде голем градежен проект во Пореч, кој сѐ уште не е завршен. Припадниците на СОА кои ме испрашуваа, ми поставуваа чудни прашања, за тоа дали познавам некои луѓе од скопската бизнис елита. Немав што да кријам, им реков дека ги познавам сите. Скопје ионака е мал град и сите кои сме во бизнисот, на овој или на оној начин, се познаваме. Дури подоцна, кога прочитав што содржела доверливата информација на СОА за мене, ми стана јасно кој и зошто ме наместил – раскажува Илиевски за Плусинфо.

Интересно е дека тој сега има добри шанси да ги увери хрватските управни судии дека сепак згрешиле кога ѝ поклониле верба на информацијата на СОА. Шансата ја доби по макотрпна правна битка, кога Уставниот суд на Хрватска ја укина одлуката на Управниот суд во Риека и на Високиот управен суд, со образложение дека било повредено неговото право на правично судење. Таа пресуда на Уставниот суд во хрватските медиуми беше објавена како првостепена сензација, а „Јутарњи лист“ објави голема статија за овој случај.

Целиот текст во продолжение на Плусинфо.мк