Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) утврдил микробиолошки отстапувања во дел од примероците од водата во Гостивар, но резултатите се однесуваат исклучиво на местото и моментот кога биле земени, а не за целокупната водоводна мрежа, истакна директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска во интервју во „Тема на денот“ на Сител Телевизија.
Таа појасни дека Институтот двапати излегол на терен по налог на Обвинителството, при што првиот пат биле земени примероци од четири, а вториот од девет локации.
„Физичко-хемиските анализи се исправни, но во дел од примероците се регистрирани колиформни и мезофилни аеробни бактерии, додека на други места се забележани отстапувања кај резидуалниот хлор. Според правилниците, таквите примероци се сметаат за неисправни за консумирање“, рече Андоновска.
Таа нагласи дека ИЈЗ не е институцијата што може да прогласи дали водата во цел град е исправна или неисправна.
„Нашите извештаи важат само за конкретниот примерок и времето кога е земен. Целокупната состојба на водоснабдителниот систем ја оценува Агенцијата за храна и ветеринарство врз основа на поширок мониторинг“, истакна директорката.
Андоновска потенцираше дека Институтот нема законска надлежност самостојно да врши мониторинг на водата, туку анализи прави само по барање на инспекциски органи или на јавните комунални претпријатија.
Според неа, јавните претпријатија имаат законска обврска да спроведуваат редовен мониторинг преку акредитирани лаборатории.
„Не можеме самоиницијативно да земаме примероци. За тоа мора да постои законска основа или барање од надлежен инспектор или од самото претпријатие“, рече Андоновска.
Таа откри дека Јавното комунално претпријатие од Гостивар минатата година побарало една анализа од Институтот, а исто толку и годинава, при што резултатите се однесувале само на едно мерно место.
Осврнувајќи се на причините за загадувањето, Андоновска нагласи дека не може да извлекува конечни заклучоци, но пренесе дека експертите од Институтот сметаат дека пронајдените колиформни и мезофилни бактерии „можат да потекнуваат од ваква ситуација каква што е создадена на терен“, додавајќи дека различните вредности на резидуалниот хлор се очекувана последица при справување со загадување.
Во однос на стабилизирањето на состојбата, таа рече дека според информациите од стручните екипи на терен, се очекува до крајот на неделата граѓаните да добијат техничка вода, а до крајот на следната недела и безбедна вода за пиење.




