-Балансирањето на вработените по етнички клуч во јавната администрација треба да заврши. Со тоа ги избркавме најквалитетните и најработоспособните кадри од Македонија. Мора да го вратиме балансерот за присутното население во Македонија. Нерезидентното население не смее да биде внесено од балансерот, изјави вечерва Стефан Андоновски, дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација во политичкиот магазин „За или против“ на ТВ Алфа.
Притоа Андовски додаде дека е апсурдно Јетмир од Ново Село да биде вработен во државна институција, а според пописот таму да нема албанско население. Причината за овој апсурд, кој како што вели Андоновски, го разрушува административниот систем, тој ја посочи во тоа што Македонци се регистрираат како Албанци само за да добијат државно вработување.
-Не ги обвинувам луѓето кои се вработуваат на овој начин бидејќи главната вина за ова е во повисоките истанци. Не се сите вработени криви – немањето ред во администрацијата ги натерала така да се вработат, поентираше Андоновски.
На прашање на новинарката како овој проблем би се решил во иднина, Андоновски категорично најави темелна ревизија по завршувањето на изборите.
-Не секој оглас е погрешен, но, има многу што се и тие треба да се повлечат. Самата власт треба да си ги повлече. Времето ќе дојде, изборите ќе завршат со наша победа и ќе направиме ревизија. Тогаш од вработените ќе се бара вистински да работат. Оние што имаат лажен исказ за професонална подготвеност или лажна диплома ќе си ги добијат документите назад. Тешко ветувам нешто, но, кога ќе ветам го давам максимумот за да го исполнам ветеното, најави Андоновски и додаде дека голем број вработени воопшто немаат ниту услови, ниту пак доаѓаат на работа.
Марко Петревски