Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски се обрати на 3. Регулаторен дијалог меѓу Европската Унија и Западен Балкан во Брисел, на кој присуствуваа генералниот директор на Директоратот за поврзување (DG Connect), Роберто Виола, како и министрите задолжени за дигитализација од Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.
Како што информираат од Министерството за дигитална трансформација, Андоновски ја истакна важноста на формирањето на новото Министерство за дигитална трансформација во Македонија.
-Неодамнешното формирање на нашето Министерство за дигитална трансформација означува значајна пресвртница во патот на Македонија кон безбедна и сеопфатна дигитална трансформација. Ова министерство го нагласува огромното значење што нашата влада и го придава на дигиталната трансформација како клучен приоритет за напредокот на државата, истакна Андоновски.
Тој потсети на најзначајните достигнувања на Владата во поглед на дигиталната трансформација во првите 100 денови од мандатот.
-Во првите 100 дена објавивме 80 нови електронски услуги, со што бројот од 120 се зголеми на 200 е-услуги. Очекуваме 100 нови е-услуги во наредната година, што ќе значи 100% зголемување во однос на претходниот 4-годишен период. Во првите 100 дена од новата влада го редизајнираме порталот за национални услуги, со цел да биде полесен пристапен, со подобро корисничко искуство, достапен за лицата со попреченост, потранспарентен и општоприфатен, истакна министерот.
Регулаторниот дијалог се фокусира на новите правила на Европската унија во врска со прифаќањето на вештачката интелигеција, законите за употребата на електронски документи и дигиталната економија, како и сајбербезбедноста. На маргините на регулаторниот дијалог, Андоновски остварил средби со Роберто Виола, како одговорен од Европската комисија за процесите на дигитализација, Валентина, директор на Директоратот за проширување.
фото: Министерство за дигитална трансформација