Владата и Министерството за дигитална трансформација реализираат уште едно предизвборно ветување. Министерството од почетокот на годината, формираше работна група помеѓу повеќе инстутции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство-Управа за електронско здравство и соодветните јавни здравствени установи, за постигнување целосна автоматизација во издавањето на првиот извод од матична книга на родени за новороденчиња (Проект: е-бебе), изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Проектот е-бебе, кој е поддржан и од канцеларијата на УНИЦЕФ, предвидува првиот извод родителите да го добијат во болница, најдоцна до 48 часа од раѓањето на бебето.
-Министерството за дигитална трансформација, искористувајќи ја Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, спроведе поврзување на сите засегнати институции во процесот за целосно автоматизирано пријавување на новороденчето. Во втората фаза на проектот се поврзуваат и услугите за здравствено осигурување од Фондот за здравство, како и услугите на помош за новороденче кои ги издаваат Министерството за социјална политика, демографија и млади, истакна Андоновски.
Од родителите ќе се бара да имаат профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk.
Со посветена работа на работната група, наша определба е целосна реализација на проектот до јануари 2026 година.