Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ и Зоран Заев избираат послушни обвинители и судии, кои ќе работат за заштита на криминалот и корупцијата. Со промоцијата на лажни концепти, се сака во правосудството да останат само блиски и погодни луѓе на СДСМ и Зоран Заев, за да остане неказнет криминалот.
Прочистувањето во судството е само фасада за криминалот на Заев и власта да не види разврска.
Наместо да се избираат сомнителни лица, на правосудниот систем му се потребни чесни, искусни, непристрасни професионалци кои ќе го реформираат системот одвнатре, без мешањето на Маричиќ и Заев. Реформи не можат да прават лица кои никогаш во животот не работеле како судии, а единствена препорака е од нивните фамилии со високи партиски функционери од СДСМ. Реформи не можат да прават лица против кои постоеле истраги за проневери на стотици илјади евра со барања за притвор.
Доколку Маричиќ сака да се занимава со реформи, му предлагаме да се позанимава со следните прашања:
1) Зошто обвинителството не се произнело за 30те кривични пријави поднесени во врска со изборен криминал за време на предвремените парламентарни избори? Во овие кривични пријави има докази, слики и податоци дека градоначалници и високи функционери на СДСМ се „фатени живи“ во давање поткуп за гласови.
2) Зошто Рускоска не го расчистува вештачењето на телефоните во случајот Рекет? Дали некој високо во СДСМ се плаши од тоа што може да се најде на телефоните на учесниците во мега-скандалот?
3) До каде е работата на обвинителството во случајот со Ден Дончев, и во врска со договорите за дијализа, и во врска со торбите со кеш пари?
4) До кога ќе се дозволува високи антизападни олигарси како што е случајот Дака на сомнителен начин да добиваат дозволи за градба на мега-комплекси во центарот на Тетово?
5) Како може обвинителството да нуди лажни сведоци за да затвора патриоти на повеќе од 200 години затвор?
6) Дали е логично главните лица од обвинителството да имаат омраза и аверзија кон опозицијата, и во исто време да работат случаи против ВМРО-ДПМНЕ?
7) Кога ќе престане застрашувањето на новинари со истраги, повици во полиција, условни осуди?
Очигледно е дека преку сеењето магла се сака да се зголеми и продолжи контролата на судството и обвинителството.
На Македонија и е потребен транспарентен и објективен систем, со силна правосудна независност. Судот мора да суди според законот, независно дали се работи за висок партиски функционер од СДСМ, претставник на опозицијата, неопределен граѓанин. Судот и обвинителството мора да бидат еднакви и праведни за сите, а не под клештата на власта.
Затоа потребна е промена. Промена на власта, за ослободување на системот.
Прашање: Во врска со изјавата на премиерот Заев дека нема потреба од предвремени избори и нема да има неосновано изнудување на оставки во владата. Како ВМРО-ДПМНЕ го коментира ставот на Заев во контекст на барањето на вашата партија за формирање влада за национален спас и парламентарни избори заедно со локалните избори?
Одговор: Во моментот имаме економија во рецесија, пола милион македонски граѓани живеат со помалку од две евра на ден, Македонија убедливо најлошо во регионот и шеста во Светот на ранг листите по смртност на своите жители имаме над 2.000 луѓе кои што ги изгубија своите животи поради неспособноста на системот на здравството и на менаџерите во здравството, имаме тешка состојба со евроинтеграциите. Но, за Заев тоа не е важно, важни се личните удопства, личната корист, богатењето на сметка на граѓаните на Република Македонија. Опозицијата има легитимен, легален и логичен пристап и ќе бара одговорност од сите носители на функции од државата, и од владата во целост. Тоа е основна и главна алатка на опозицијата и ние планираме таа да ја искористиме.