Самобендисаноста, дрскоста и навредите од премиерот нема да ги направат резултатите на оваа Влада подобри од оние кои се забележани во годинешниот извештај на Европската унија за напредокот на Македонија, рече на прес-конференција Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Извештајот ги бележи недостатоците во владеењето. Но, реформите треба да бидат за граѓаните. Не за самобендисаните елити во зградата на Илинденска. Очигледно е дека Владата не се грижи за реформите. И тоа е факт од кој не може да се избега со скапи настани и прес-конференции. Ковачевски изгледа ги преспал препораките на Европската комисија и од 2021 и од 2020 година. Недостасува реализација во клучните области. Ова се однесува особено на препораките за реформа на јавната администрација, градење на конкуренција на пазарот, слободно движење на стоки и работници, како и правото на интелектуална сопственост. Оценката на Европската комисија, во многу делови, е дека нема никаков напредок во спроведување токму на препораките од Комисијата во неколку претходни извештаи. Но, додека Владата зборува со навреди кон опозицијата, ние ќе зборуваме со факти. Во делот на реформата на јавната администрација ЕУ и забележува на Владата дека сите препораки од минатата година не се адресирани во доволна мера, рече Андоновски.
Во реформата на истата нема напредок, додаде Андоновски, а Македонија е само умерено подготвена.
– Препораките за подобрување на процедури за елиминирање на непотизмот, клиентелизмот и кронизмот, вклучително и за назначување на менаџери и членови на надзорни и управни одбори не се имплементирани. Владата не направила ништо ниту во реформата на безбедносните служби. Во овој дел се повторува критиката од претходните години дека Земјата треба да го зајакне капацитетот за парламентарен надзор над разузнавачките служби. Во иста ситуација е и борбата со корупцијата и организираниот криминал. Според извештајот за активностите за 2020 година на ГРЕКО, кој е забележан и во овој извештај , Македонија имплементирала само 52 отсто, а делумно имплементирала 40 отсто од препораките, додаде тој.
Во делот на борбата со организираниот криминал, продолжи Андоновски, остануваат истите препораки уште од 2020 година.
– Ништо не е направено за подобрување на ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перењето пари и финансискиот криминал. ЕУ забележува и на недостатокот на координација, која останува клучна за сите чинители вклучени во борбата против организираниот криминал. Вицепремиерот Маричиќ вели дека е задоволен во делот на економијата. Но, извештајот го демантира и вели дека Владата не ги имплементирала ниту препораките од 2020 година во делот на слободниот пазар. Затоа бизнисот страда од сива економија, слаб менаџмент на јавните инвестиции, хаотични мерки за помош на бизнисот и граѓаните. И тука преовладува мислењето дека регионалната криза само ја продлабочува лошата состојба во општеството локално, со изразито висока инфлација, високи цени на добрата, храната и енергенсите, како и потресите на синџирите на снабдување, истакна Андоновски.
Ако ги сумираме оценките, Владата во Македонија има и најнизок степен на напредок во вкупно 35 позиции. Во 35 области, Владата не успеала да постигне напредок поголем од оценка 2. Областите каде се забелешките од ЕК за застој не зависат од договори кои значат потчинетост, потенцираше тој.
– Ова претставува непочит и за ЕУ и за ЕК, за кои Владата има само убави зборови, а нема дела. Но, најмногу е непочит кон македонскиот граѓанин кој очекува резултати. И за тоа не е виновна опозицијата. За ова се виновни неспособноста, неработата, надменоста и дрскоста на Владата. Реформи и се потребни на Македонија. Македонските граѓани сакаат да живеат подобар живот. Не само заради Европската унија. Затоа на Македонија и се потребни промени, порача тој.