Владата од првиот ден, покажува проактивност во пристапот и во ниту еден момент не ја напуштивме масата за разговарање на која што првпат по подолго време се бранат македонските национални интереси на начин што и Софија ќе го признае она што е непобитен факт за македонскиот народ, за долговечноста на македонскиот идентите и македонски јазик, но другата страна покажува дека не е подготвена да разговара на паритетна основа.

Ова го истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостувањето на „Вести плус“ на Канал 5 прашан за тоа какви се очекувањата од Софија од која се уште нема одгoвор, во однос на иницијатива од Владата за заедничка резолуција во ЕП за потврда за македонскиот јазик и идентитет.

-Мислам дека Владата од првиот ден, еве веќе изминува година и неколку месеци, покажува проактивност во пристапот и во ниту еден момент не ја напуштивме масата за разговарање на која што првпат по подолго време се бранат македонските национални интереси. Но тоа не го направивме како што не обвинуваа дека ќе се случи во првата недела, дека ќе ги прифатиме уставните измени и дека веднаш ќе ги направиме промените, дека е тоа само лага која што ја кажуваме пред избори. Напротив, сето она што го зборувавме пред изборите се обидуваме да го реализираме сега, а тоа значи заштита на македонските национални интереси на начин што и Софија ќе го признае она што е непобитен факт за македонскиот народ, за долговечноста на македонскиот идентите и македонски јазик. И ова е уште еден обид да ја расчистиме маглата дека не станува збор само за уставни измени за признавање на 700 наши сограѓани, туку станува збор за нешто подлабоко. Ова е начин како да излеземе од тој меур, и да кажеме во ред се уставните измени ако некој не бара нешто повеќе од нас. Но досега, покажува другата страна дека не е подготвена да разговара, не само да постигнеме договор туку и да разговараме на паритетна основа. Но ние ќе продолжиме да се обидуваме, вели Андоновски во гостувањето на Канал 5.

Во однос на забелешките од опозицијата во однос на јазикот дека тој е веќе признаен во меѓународни рамки, Андоновски вели дека факт е дека македонскиот јазик е признат повеќе од 60-70 години во ОН, но во исто време факт е и дека Бугарија во ниту еден момент не го признава постоењето на македонскиот јазик и со тие додавки придавки сака да го направи хибрид кој нема корен, нема потекло, иако тој се формирал низ истиот процес како и другите јазици. Со настојувањето да се признае македонскиот јазик, тоа е начин, вели другата страна да се изведе на чистина.

Прашан дали има изгледи во догледно време да се случат уставни измени и под кои услови, Андоновски вели приматот во водењето на надворешната политика е на МНРиНТ, но нагласува дека во постојните околности Владата не е подготвена за радикални чекори кои се спротивни на нивната предизборна програма и на програмата на Владата.

-Доколку се променат околностите тука сме ќе дискутираме но граѓаните треба да бидат спокојни дека оваа Влада и ВМРО во ниеден момент нема да направи чекор на шетата на македонските национални интереси, и веќе 12-тина месеци тоа активно го покажуваме на меѓународната сцена, потенцира Андоновски.

Тој со став и во контекст на Договорот од Преспа за очекувањата од Грција за примената на уставното име, и инсистирањата на нашето МНР за почитување на меѓународното право.

-Грција може да биде стратешки партнер на Македонија во поглед на регионалната стабилност, безбедност и соработка Ние сме партнери во НАТО и оттука поддршката на Грција треба да биде во насока на јакнење на македонскиот идентитет и подобрена економска, социјална и културна соработка меѓу двете држави. Има одлични проекти кои се појавуваат во различни области и тие треба да бидат носителот на нашата идна соработка, а не да наоѓаме причини зошто да не соработуваме. Има еден проект во нашето Министерство кој сега поминува, тоа се грчки експерти кои ќе ни помагаат во процерсот на дигитализација на дел од елементите на мобилната апликацијаја која ја планираме. Така што тоа се добрите примери, енергетиката, поврзувањето инфраструктурата се добрите примери кои што треба да не спојуваат, а не да не разделуваат, вели Андоносвки кој е и секретар за меѓународна соработка во ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на очекувањата на Владата и ВМРО-ДПМНЕдржавниот обвинител да си даде оставка по изгласаната интерпелација во Собранието, Андоновски вели тоа е лична одлука на Коцевски, но Владата принципелно се држи до ставот за негово разрешување поради наводите за неговата работа кои беа изнесени и од Министерството за правда.

-Интерпелацијата е политичка одлука во смисла дека Собранието кое што ве бира ви изгласува недоверба, а потоа остава на вас како човек кој држи до себе и има интегритет или нема да одлучите дали ќе си поднесете оставка или не, а Владата го има правото да ја продолжи постапката која би требало да резултира со разрешување, дециден е министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.