Наместо да правиме проценка, дојде тим од АРМ со опрема која е донација од САД, извршија мерење, чад имаше, но немаше отровни материи, изјави денеска директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој во Утрински брифинг говореше за пожарот во Тетово каде што вчера изгоре фабрика за производство на пластика, лакови и бои и градежни материјали, а пожар со толкав обем немало одамна.
– Наместо да правиме проценка, дојде тим од АРСМ со опрема која е донација од САД и извршија мерење. Чад имаше, но немаше отровни материи. Нивната опрема може да детектира отровни испарувања. Граѓаните треба да бидат спокојни, нема никаква опасност по нивното здравје, рече Ангелов.
Тој информира дека фабриката не е целосно изгорена, туку само нејзини делови, а долготрајноста на пожарот се должи на составот на материјалите кои биле во погоните и магацините. Тоа се материјали кои кога еднаш ќе се запалат горат долготрајно и тешко се гаснат.
– Хеликоптери обезбедивме, а вчера за првпат беше вклучен хеликоптер на МВР со обучена посада за гаснење пожари, рече Ангелов.
Во гаснењето учествуваа тетовските пожарникари, но се приклучија и екипи од Скопје кои се искусни за гаснење вакви пожари, а се приклучија и тимови на македонската армија.
-Беше користена пена за гаснење, а кога се потроши беше побарано пена од скопскиот аеродром, од ТАВ. Ако се гаснеше само со вода можеше да дојде до експлозија и тоа ќе беше навистина опасна и трагична ситуација, рече Ангелов за Утрински брифинг.