Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов очекува денеска да биде затрупан делот од депонијата „Дрисла“, каде по пожарот се уште има чадење. Ангажирана е побројна механизација (багери, булдожери, камиони), кои го чистат и пробиваат местото каде се случува чадењето.

-Во овој момент напредуваме добро и очекувам во текот на денешниот ден добар дел од ова место да биде целосно затрупано. Побарав дополнителна механизација затоа што како што напредуваме со овие земјени патишта се отвора простор за поширок фронт за работа, за повеќе машини. Ангажирани се и повеќе патроли на полицијата, кои патролираат во околината и овде на депонијата „Дрисла“ и на депонијата Вардариште, рече Ангелов на прес-конференцијата пред депонијата „Дрисла“.

Ангелов потсети дека вчера изработиле два пристапни земјени патишта низ заезерувањето од отпадна вода од самата депонија, која е длабока околу 1, 5 метар и која, како што рече, не спречуваше да дојдеме до самото место каде се случува чадењето. Потенцира дека нема горење, туку само чадење.

Депонијата Вардариште во овој момент е стабилна, нема никакво горење, но дополнително се работи на затрупување на местото каде изминатите денови чадеше. Во текот на ноќта бил употребен дрон со термална камера и биле поставени термални камери на неколку соодветни места со кои се набљудува просторот за евентуално да се пресретнат лица кои злонамерно би се движеле овде, со намера  да ја запалат повторно, односно да го зголемат чадењето во депонијата.