Се уште е активен на неколку краци пожарот во близина на граничниот премин Блаце. Според Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), можна причина е догорче од цигара покрај самиот магистрален пат, а не е исклучено и да е подметнат.
-Бидејќи вчера бев на местото дваесетина минути по појавувањето на пожарот и од она што можев да го видам е дека пожарот е почнат покрај самиот магистрален пат кон ГП Блаце. И најверојатно е или од отпушок од цигара или намерно палење. Не можеме да ја исклучиме ниту таа можност. Се движеше нагоре кон планината. Уште кога го видовме стартот, знаевме дека ќе имаме тежок пожар бидејќи е екстремно стрмен и непристапен терен и токму тоа ни се случува денеска, на вториот ден од овој голем пожар, рече Ангелов на прес-конференција во Владата на која беше соопштена мерка за привремено ангажирање 400 невработени лица за превенција и справување со пожари, во рамки на Оперативниот план за вработување.
Како што рече, претежно горат грмушки и нискостеблести растенија, неквалитетна шума и трева, а екипите за гасење спречиле на неколку места пожарот да се прошири во квалитетна борова шума околу стрелиштето Стенковец.
-Прилично сум сигурен дека ќе го локализираме, но не и дека ќе го изгасиме поради ветрот. Особено на тие поголеми височини, таму верувам е над илјада метри, ветрот прави дополнителни проблеми и го менува правецот, што е карактеристика кај сите пожари, така што истовремено се бориме и со огнот и со ветрот, рече Ангелов одговарајќи на новинарски прашања.
Истакна дека има доволен број екипи на терен и дека „во овој момент состојбата не е алармантна“ затоа што, рече, „се уште бројот на пожари и нивната динамика е низок“.
-Денес е овој така, сериозен пожар, секојдневно попладне, кога температурите се приближуваат до 40-тиот степен се појавуваат нови пожари. Затоа повикувам граѓаните да бидат внимателни бидејќи едно мало невнимание може да предизвика трагедија, рече директорот на ДЗС.
Фото: Архива