Администрацијата во законскиот рок ќе ги добие зголемените плати за пет отсто за септември, потврди денеска министерката за финанси, Нина Ангеловска.
Таа, нагласи, дека денеска на итна собраниска седница ќе биде донесен законот по скратена постапка и додаде дека доцнењето на Законот е заради административно технички процедури, поради што, како што кажа, за жал се случува да се доцни и по неколку дена. Важно е, потенцира Ангеловска, дека ќе биде реализирано како што беше ветено.
-Во законскиот рок не само што администрацијата ќе ги добие платите навремено, туку ќе ги добие со пет отсто покачување од овој месец. Законскиот рок е до 15 октомври да бидат исплатени платите, но нема да чекаме да истече законскиот рок. Се очекува денеска по скратена постапка да помине законот и доколку институциите брзо реагираат со поднесување на платите вработените ќе си ги добијат навреме со зголемување, изјави Ангеловска.
Таа посочи дека досега имаше три пати зголемување на платите на јавната администрација и додаде дека јавната администрација е клучна за спроведување на реформите и затоа мора да се реагира и да им се зголемуваат платите.
Прашана дали постои можност за одлагање на примената за оданочување на капиталните добивки, Ангеловска рече дека постои волја и дека во моментов се прават анализи.
-Министерството за финансии ги разгледува иницијативите кои се покренати од Македонската берза и од Комисијата за хартии од вредност кои се во насока на поддршка на пазарот на капитал. Барањето е да се одложи примената на персоналниот данок на доход данок од капитални добивки и од камата од депозити кој треба да стапи на сила од 1 јануари 2020 година. Со оглед дека има иницијативи, се прават анализи и ги разгледуваме можностите да видиме како би реагирале во насока на поддршка на интересите и на бизнис секторот и на пазарот на капитал и на граѓаните со цел одложување на примената на законот. Ги разгледуваме можностите и навреме ќе информираме за точните одлуки, но сега можам да потврдам дека има волја за одложување, рече Ангеловска.