Трендовите во нашиот финансиски систем во изминатава декада се прилично солидни. На континуирана основа, кај нас се забележува кредитен раст поддржан од растот на депозитите. Во сиот период, стапките на раст на кредитната активност во нашата економија се солидни и одржливи, и не креираат ранливости во финансискиот сектор.
Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во рамки на синоќешното гостување во емисијата „24 тренд анализа“ на ТВ „24“.
Според нејзините согледби изнесени во емисијата, депозитниот раст кај нас, континуирано е солиден, а особено минатата година се забележува забрзување на депозитната активност.
– Добро е што позитивниот тренд на забрзување на растот на депозитите продолжува и оваа година. Според последните расположливи податоци, годишната стапка на депозитен раст се задржува на високо ниво од околу 10 отсто. Мошне значајна е и самата структура на депозитите – трендот на денаризација продолжи, при што во актуелниот период околу 60 отсто од вкупните депозити се во домашна валута, што е значаен напредок во споредба со периодот пред глобалната економска криза кога во денари беа само околу 40 отсто од вкупните заштеди на населението и корпоративниот сектор, порача Ангеловска-Бежоска
Гувернерката истакна дека актуелните каматни стапки кај нас се историски најниски.
– Анализите за ефектите од промената на референтната каматна стапка на Народната банка, како што рече, покажуваат дека значајно се намалени активните каматни стапки, што се однесуваат на кредитирањето.
Гувернерката ја појасни заемната поврзаност на нивото на каматните стапки, поради која намалувањето на каматите на кредитирањето е проследено со намалување на каматите за депозитите. Но, притоа потенцира дека податоците покажуваат дека намалувањето на каматните стапки кај штедењето е со нешто помал интензитет од намалувањето на оние кај кредитирањето.
Осврнувајќи се на структурата на кредитирањето, Ангеловска-Бежоска истакна дека постепено забрзува кредитната поддршка на корпоративниот сектор.
– Според најновите податоци заклучно со август оваа година, кредитите наменети за овој сектор покажуват околу 40 отсто раст на вкупните кредити. Ова претставува сигнал за позитивно придвижување на поддршката што банките ја даваат на корпоративниот сектор, особено ако се има предвид и дека изминатиот период има олабавување на нивните услови во овој сегмент, рече гувернерката.
Таа додаде дека засега, според оцените на Народната банка која редовно ги следи состојбите, нема причина за загриженост во врска со растот на кредитирањето на секторот „население“.
Одговарајќи на одделно прашање, Ангеловска-Бежоска истакна дека радува и е особено значајно што во услови кога дел од големите банкарски групи го напуштаат овој регион, една од групите од таков формат пројави сериозен интерес за натамошно поголемо инвестирање во нашиот банкарски систем, што се очекува дека ќе влијае на натамошно зајакнување на системот, како и на обезбедувањето уште поголема кредитна поддршка и за корпоративниот сектор, и за населението, а преку тоа и поддршка на економскиот раст во земјата.