РС Македонија и Народна Република Кина имаат воспоставена добра соработка и можности таа да се прошири, констатираа на денешната средба вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и новоименуваниот амбасадор на Кина во земјава, Жанг Зуо.

Вицепремиерот Анѓушев, како што соопшти неговиот Кабинет, истакнал дека досега сме имале соработка во реализација во инфраструктурни проекти и дека соработката во идни инфраструктурни проекти мора да биде базирана на отворени и јавни тендерски постапки во согласност со законските прописи во земјата. Вицепремиерот дополнил дека постои голем простор за подобрување на економската соработка особено за привлекување на кинески инвеститори во земјата.

– Ги поканувам кинеските инвеститори да ја посетат нашата земја и да се уверат во условите за инвестирање. Имаме креирано пакет на мерки, преточени во законско решение со кои се овозможува силна поддршка до 50 отсто од вредноста на инвестициите. Инвестирањето во С. Македонија сметам дека е особено атрактивно за кинеските компании, поради местоположбата на нашата земја, но и други поволности, како што се стекнување на европски стандарди и сертификати со кои им се отвора простор за соработка со земјите од Европската Унија, посочил вицепремиерот Анѓушев.

Новоименуваниот амбасадор Жанг потенцирал дека ќе вложи максимални напори, Република Северна Македонија да ја претстави како поволна дестинација за кинеските компании и ќе иницира средби и посети на кинески компании во земјата.

Вицепремиерот Анѓушев и амбасадорот Жанг се согласиле дека соработката помеѓу двете земји ќе се развива на принцип на пазарна конкурентност и на транспарентен начин, со што ќе се зацврстат односите помеѓу двете земји и ќе се зголеми економската соработка.