Со финансиска поддршка од 16,9 милиони денари, што ги обезбеди Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, денеска во селото Бања, општина Чешиново-Облешево, почна изградбата на основен колектор и детална канализациска мрежа за отпадни води.

Според проектот, вкупната должина на системот е околу пет илјади метри, со поединечни приклучоци за 60 домаќинства, што ќе бидат поврзани на пречистителната станица за отпадни води кај Спанчево.

-Со оваа инвестиција го решаваме повеќедеценискиот проблем за над 300 жители од Бања кои првпат, според проект, ќе добијат современо решение за собирање и третман на фекалната вода. Истовремено, ќе помогнеме и во подобрувањето на условите за живот и во заштитата на природната средина. Предвидено е градежните работи да завршат најмногу за една година, но се очекува рокот да биде пократок со што веднаш ќе ја реализираме и исплатата кон економските оператори, истакна директорот на Агенцијата, Никола Бабовски, при денешниото означување на почетокот на изградбата.

Општина Чешиново-Облешево ќе учествува со сопствени буџетски средства во реализацијата на проектот, односно ќе го плати износот на данокот за додадена вредност.

-Немањето фекална канализација беше главен комунален проблем за жителите на ова село, со оглед што тоа од поодамна е приклучено на градскиот водовод од Кочани, па водоснабдувањето беше решено. Со тоа се создаваат потенцијални услови за заживување на бањскиот туризам, бидејќи има заинтересирани инвеститори за рехабилитација на бањскиот капацитет за кој пред една година нашата општина ја доби сопственоста, истакна Горанчо Крстев, градоначалник на Чешиново-Облешево.

Паралелно со изградбата на фекалната канализација, наскоро општина Чешиново-Облешево ќе почне и со реконструкција на јавните чешми со партерно уредување во селата Бања, Бурилчево, Соколарци, Спанчево и Теранци. За оваа инвестиција преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој обезбедени се над еден милион  денари.