По пандемичниот шок од 2020 година, оваа година има поповолни трендови кај странските директни инвестиции, но и кај вкупните инвестиции како компонента на БДП, посочи во интервју за Ал џезира, гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

– Странските директни инвестиции се исклучително значајни за економската активност, бидејќи тие овозможуваат пристап до надворешни извори на финансирање на растот, што е многу значајно за мали економии коишто немаат доволен обем на капитал за финансирање на растот. Уште позначајно е тоа што тие позитивно влијаат врз квалитетот на растот, поради приливот на знаење и технологии коишто го носат. Минатата година, при големиот пандемичен шок, дојде до значително забавување на странските директни инвестиции кај нас. Тие изнесуваа околу 1,5 посто од БДП, што значи половина од она што беше стандарден износ кај нас пред пандемијата, вели Ангеловска-Бежоска.

Таа посочува дека годинава којашто изминува, нето странските директни инвестиции забележуваат попозитивни остварувања, со 200 милиони евра во првите три квартали, што е повисок износ во однос на првите три квартали од 2020 година, кога тие изнесуваа 100 милиони евра.

Како што соопшти Народната банка, се очекува дека овие трендови ќе продолжат и во натамошниот период, при очекувања за натамошен раст на глобалната економија и постабилни согледувања на меѓународните инвеститори.

Приливите врз основа на странски директни инвестиции, додаваат, придонесуваат за раст и на вкупните инвестиции. Гувернерката посочува дека се гледа постепено закрепнување на инвестициите, но тоа оди побавно во однос на другите компоненти од БДП, односно во просек, растот на инвестициите е околу 3,4 отсто. Сепак, велат од Народната банка, ова е позитивно придвижување, наспроти големиот пад којшто се случи во 2020 година од околу 16 посто.

– Очекуваме дека овој тренд ќе продолжи и наредната година, за кога се проектира вкупен економски раст од 3,9 проценти, се вели во соопштението.

Ангеловска-Бежоска истакнува дека пандемијата предизвика глобален шок од невидени размери и доколку не беа преземени брзи и навремени мерки од страна на носителите на политиките, шокот ќе беше уште поголем. Според процени на ММФ, во отсуство на силната реакција на монетарната и фискалната политика, во глобални рамки, падот на економската активност можеше да биде тројно посилен.