Народната банка е гарант за стабилноста на цените и на денарот, порачува гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска во интервју за „Независен.мк“.

Според неа, клучно е тоа што шокот со кој сега се соочуваат економиите заради пандемијата на ковид-19, не е од економски карактер и оттука, иако се очекува ефектите на краток рок да бидат поголеми, сепак тоа не би требало позначително да се одрази врз долгорочниот потенцијал за раст на економиите и врз макроекономската стабилност.

Во интервјуто, Ангеловска-Бежовска посочува дека во функција на одржување на макроекономската стабилност се низата мерки што се преземаат од страна на носителите на фискалната и монетарната политикачија ефективност ќе биде еден од важните фактори за справување со предизвиците од корона-кризата.

Потсетува дека структурните и регулаторните промени во нашата економија во изминатите години придонеле за подобрување на фундаментите на економијата. 

Во изминативе години, кај нас се случуваа структурни промени, видливи особено во структурата на индустриското производство и извозот, коишто ја намалија ранливоста на нашата економија и ги подобрија нејзините фундаменти. Ова придонесе и за речиси континуиран раст на девизните резерви, што е и гаранција за стабилноста на девизниот курс. Исто така, мошне е важно што домашниот банкарски систем е здрав и има потенцијал за обезбедување кредитна поддршка без да се загрози неговата стабилност. Ова е резултат на тоа што во периодот по глобалната финансиска криза од 2008 година, ние ги зајакнавме регулаторните и супервизорските барања, во согласност со зајакнатата европска регулатива, што придонесе за натамошно јакнење на отпорноста на системот. Секако, корона-кризата наметнува потреба од засилено следење и преземање на брзи, ефективни и координирани активности. Во оваа насока неодамна беа зајакнати надлежностите и беше проширен составот на Комитетот за финансиска стабилност во којшто сега учествуваат сите финансиски регулатори, вели Ангеловска-Бежоска.

Во интервјуто, таа се осврнува и на достапноста на финансиска поддршка за македонската економија и на мерките што се во надлежност на централната банка, а најавува дека наскоро во јавноста ќе бидат презентирани и редовните макроекономски проекции кои се во завршна фаза.