Преку задржување на ликвидноста на стопанството се осигурува неговото нормално функционирање и се поттикнува економската активност – фирмите можат да ги сервисираат своите редовни обврски, но и да преземаат инвестициски активности што е од големо значење за надминување на кризниот период, напиша министерката за финансии Нина Ангеловска на Фејсбук по повод доделувањето на првата транша од евтините кредити од Развојната банка на Македонија.
Доделени се 25,6 милиони евра со каматна стапка од 1,6 проценти на 105 компании од производството, угостителството, транспорот, трговијата и здравството.
– Оваа кредитна линија беше дел од вториот сет мерки на Владата. Средствата се обезбедени преку Европската инвестициона банка. Државата субвенционира дел од каматната стапка со цел кредитите да може да се понудат преку комерцијалните банки со каматна стапка до 1,6 проценти, напиша Ангеловска.
Заедно со Ковид 1 и Ковид 2 бескаматните кредитни линии на Развојната банка, во стопанството досега се вбризгани над 38 милиони евра за подобрување на ликвидноста во време на Ковид-19 кризата. Поддржани се вкупно 1.436 претпријатија и 16.777 работни места.