Продуктивноста е нешто што треба да го адресира Владата за повисок економски раст. Работиме на подобрување на продуктивноста на сегашните и идните генерации преку долгорочни политики, но и преку пократкорочни мерки: на долг рок преку вложување во здравството, образованието и социјалата, додека на пократок рок преку активните мерки за вработување и субвенционирање на повисоките плати со цел да се задржат квалитетните кадри. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за „Утрински брифинг“.
-Продуктивноста е поврзана со инвестициите во човечки капитал. Индексот на човечки капитал на Светска банка за С. Македонија изнесува 0,53. Денеска нашите млади, согласно со тоа колку сме инвестирале во нив преку здравствениот систем, образованието и социјалната заштита, во иднина ќе искористат само 53 проценти од нивната потенцијална продуктивност. Кај развиените земји овој индекс се движи околу 0,8, кај земјите од ЕУ околу 0,7, додека во регионот околу 0,6. Ова говори дека во изминатите години не сме вложувале доволно во човечкиот капитал, посочи Ангеловска.
Таа додаде дека преку фокусот на здравството, образованието и социјалната грижа, кои меѓусебно се надополнуваат и го засилуваат ефектот, директно се придонесува кон посилен економски раст и развој. Затоа што само здрава, едуцирана работна сила може да заработи повеќе и да инвестира повеќе и во општеството, да гради, да инвестира, да биде продуктивна, да придонесува кон економски раст.
-Ако се согласуваме дека продуктивноста треба да расте, тогаш треба да вложуваме во неа, и ние како Влада тоа го правиме. Тоа го покажуваме и со субвенционирањето на придонесите за компаниите со цел да се зголемат платите, со што директно им се помага на компаниите кои имаат проблем да ги задржат и мотивираат своите работници, укажа Ангеловска.
Во ноември, кога стартуваше мерката, веќе 12 проценти од компаниите или 8.200 компании ги зголемија платите на околу 45.000 вработени лица, а просечниот раст на платите е околу 4.100 денари, нагласи Ангеловска, додавајќи дека мерката е добро пречекана од страна на приватниот сектор.
Таа посочи дека и преку активните мерки за вработување во вредност од 1,3 милијарди денари се адресира продуктивноста, преку обуки, реквалификации и адаптирање на потребите на пазарот на труд.
– Би сакала државата да се развива по најдобрите модели и практики. Тоа значи да биде дигитална како Естонија, да биде орентирана кон технологии како Изразел, кој е генератор на значителен дел од БДП, да биде со развиен човечки капитал колку Сингапур, каде овој процент е 85 отсто, да имаме образование како Финска и здравство како Швајцарија, рече Ангеловска.