Во просек по 3.500 денари покачување на платите добија 119.500 вработени во јануари, како резултат на мерката за субвенционирање на придонеси за покачување на платите, за која годинава во буџетот има издвоено 2,4 милијарди денари, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за bankarstvo.mk.
Таа посочи дека целта на оваа мерка е да се помогне на фирмите да ги задржат квалитетните кадри, а воедно истакна дека приватниот сектор е тој кој треба да биде двигател на растот, затоа преку мерки, но и долгорични политики за зголемување на продуктивноста се поттикнува неговата конкурентност.
– Наоѓањето и задржување на квалитетни кадри е нешто што е од големо значење за бизнисот. Затоа преку мерката за субвенционирање на придонеси им помагаме на фирмите да ги задржат квалитетните кадри. Во буџетот за годинава предвидени се 2,4 милијарди денари за субвенционирање на повисоки плати. И мерката, можам да кажам, дека дава навистина добри резултати. Така во јануари 2020 благодарение на мерката 119.500 вработени добија покачување во просек од околу 3.500 денари. Во јануари 22 илјади фирми ја искористија мерката за субвенционирање на покачување на платите, рече Ангеловска.
Сумарно, во буџетот за годинава предвидени се 6,7 милијарди денари директно за поддршка на приватниот сектор, односно оној кој треба да генерира економски раст, посочува Ангеловска.
– Во буџетот се предвидени средства преку мерките за подобрување на конкуретноста, во износ од три милијарди денари, со кои се поддржуваат фирмите да ја сменат старата технологија со нова, да инвестираат во нови капацитети, се стимулираат да извезуваат, се поддржува претприемништвото итн. Исто така, многу е значајно да се премости јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд. Тоа може да го постигнеме преку зголемување на адекватноста на понудата на пазарот на труд преку активните мерки за вработување, за кои во годинешниот буџет има издвоено 1,3 милијарди денари, што е за повеќе од двапати во однос на 2016 година, или три пати повеќе во однос на 2014 година. Дека овие мерки даваат резултати, докажува податокот дека невработеноста е на најниско ниво досега од 17,1 проценти, а креирани се околу 60.000 нови работни места, истакна Ангеловска.
Министерката за финансии посочува дека изминативе две години економскиот раст е на широка основа, односно се базира на растот во сите сектори, за разлика од порано, кога главно бил движен од јавните инвестиции во градежништвото.
– За да растот биде одржлив, за да имаме развој на економијата, приватниот сектор е тој кој треба да биде двигател на растот и креатор на нови вредност. Што му е потребно на приватниот сектор? Потребна му е продуктивна работна сила, нови технологии и поддршка за нови инвестиции и освојување нови пазари. Токму кон тоа е насочена и фискалната политика, вели Ангеловска.
Таа посочува дека економскиот раст зависи од продуктивноста на луѓето, факт кој долго бил игнориран, што се огледа и од индексот на човечки капитал кој го мери Светска банка и кој за земјава изнесува само 0,53. Ова значи дека денешните деца, кога ќе пораснат, ќе користат само половина од својата потенцијална продуктивност, согласно тоа што земјата го вложува денес во нив. Затоа и буџетот за годинава е насочен кон инвестиции во човечкиот капитал, вели Ангеловска и посочува дека над 60 отсто од расходната страна на буџетот за годинава е насочен кон здравството, образованието и социјалата како области.