Страшо АНГЕЛОВСКИ

“Живееме во време на срам и тага“. Ова е изјавата на Роберт Кенеди, тогашен кандидат за претседател на САД, инаку, брат на Џон Кенеди, дадена во далечната 1968 година, непосредно пред и тој да биде застрелан во атентат. Изјавата ја дава на денот на убиството на борецот за црнечки права, Мартин Лутер Кинг. Кенеди почувствува срам од постапката на поединецот, атентаторот, но, двојно повеќе од оние кои го оправдаа и оние кои со своето однесување создадоа општество од кое треба да се срамат.

Денес, за жал, ние Македонците живееме во време на срам и тага. Го живееме тоа време уште од дваесетиседмоаприлските настани кога со уривањето на Уставот, законите и собранискиот Деловник започна уривањето на македонската држава. Го живееме тоа време, времето на срам и тага, зашто не можеме во очи да им погледнеме на неправедно обвинетите и политичко – полициски монтирано затворените уставобранители.

Го живееме времето на срам и тага од денот на референдумот, кога во 19.00 часот, по неуспешниот референдум не излеговме на улиците за да издејствуваме оставка на една Влада која на референдумот кој и официјално беше неуспешен, не доби поддршка за своите политики.

Го живееме тоа време од денот кога дозволивме да ни го променат името, да ни го избришат идентитетот и да ни ги поткастрат најдлабоките корења на нашето постоење – нашата Македонска античка историја.

Го живееме тоа време зашто дозволивме да ни ги поткастрат и поплитките корени, па да ни го изрелативизираат македонскиот цар Самуил, македонските просветители, солунските браќа Кирил и Методиј, светите Климент и Наум.

Го живееме тоа време откако дозволивме некој воопшто и да се дрзне да преговара за потеклото на Гоце Делчев, со што преговара за потеклото на еден цел народ – македонскиот. Зашто, што сме ние доколку Гоце бил Бугарин и, што биле нашите прадедовци кои живееле во негово време?

Го живееме тоа време откако дозволивме на 15 јули вреќите со компири, шишињата масло и конзервите со изминат рок да ги одлучуваат изборите и да му овозможат на криминалот, непотизмот и предавствата да продолжат да владеат со Македонија.

Го живееме тоа време откако секојдневно губиме десеттици наши најмили заради неспособноста на Владата да се справи со корона вирусот и, откако премиерот докажа дека во неговото владеење државата не е способна, но неговото семејство е доволно моќно да купи половно амбулантно возило.

И конечно, го живееме тоа време, времето на срам и тага, откако Зоран Заев во интервју за бугарска телевизија изјави, а неговите најблиски соработници и купените медиуми се обидуваат да ја претстават изјавата како историски исправна, дека Македонија во периодот на окупација од тогаш фашистичка Бугарија, била всушност само администрирана од бугарската “администрација“. Изјава со која Заев отиде дури и чекор подалеку и од ставовите на БАН (Бугарска академија на науките) во полза на промовирање на лажната бугарска историја.

Го живееме времето на срам и тага не само заради постапките на еден поединец, макар и премиер, туку и заради сите оние кои го поддржуваат, создаваат општество од кое треба да се срамат и создаваат услови за неговото деспотско владеење во функција на бришење на се’ што е македонско.

Токму овде, ќе го цитирам Жан Жак Русо, кој во делото “Општествен договор“, во далечната 1762 година напишал:

“Согласноста на народот е единствената основа врз која се темели авторитетот на една власт.“

И бидејќи оваа Влада ја нема согласноста од народот за ниту една од своите постапки, бидејќи ја нема согласноста од народот да живее во време на срам и тага, мора да си замине час поскоро. Нејзината оставка е единствената каква таква можност за Македонија.

Токму затоа, на крајот, ќе завршам со шегата на мојот пријател Велче, кој вели – “На татко не се крева рака… туку, земи го на клоци и исфрли го од дома“. Е па, и на премиер не се крева рака… туку на клоци и надвор од кабинетот.

За да го завршиме времето на срам и тага.

(авторот е претседател на МААК)